Резултатите од работата во ТИРЗ се видливи, но прашање е дали ќе ни биде поважно да се сликаме со црвени панделки додека сечеме ленти или, пак, ќе покажеме дека сакаме да направиме нешто за целата држава и умееме да придонесеме за раст на платите преку привлекување на квалитетни инвестиции – истакна Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ во денешното гостување во емисијата „Стадион” на радио мрежата Канал 77.
„Повеќе не се претставуваме како земја со евтина работна сила, бидејќи важен ни е секој човек и се стремиме да овозможиме достоинствен живот за секого. Овие промени се препознаени од страна на инвеститорите, па затоа само во првите пет месеци од годинава веќе потпишавме договори со 5 компании чии вкупни инвестиции треба да достигнат над 65 милиони евра. Исто така, со новиот концепт на привлекување инвестиции кој изминативе неколку месеци го применува ТИРЗ, успеавме да поттикнеме интерес кај повеќе од 30 компании за обем на инвестиции над 425 милиони евра, како и нови 8.500 работни места”, потенцираше Деспотовски.
Деспотовски посочи дека Дирекцијата се стреми да привлече компании од различни индустрии и профили што е долгорочен национален интерес и ќе даде отпорност во моменти на кризи како оваа што е предизвикана од коронакризата.
„За успешноста и довербата во новиот концепт кој го воведовме во ТИРЗ говори и фактот што за многу брзо, јавно ќе биде потпишан Договор за инвестиција вредна повеќе од 100 милиони евра. И тоа ќе биде досега највисоката директна инвестиција која се случила од основањето на ТИРЗ во изминативе 20 години. Јас сум човек кој ја базира својата работа исклучиво на резултати и бројки, па оттука слободно можам да кажам дека со паметниот пристап со кој неодамна започнавме резултатите за кои биле потребни 20 години, во ТИРЗ ќе ги постигнеме во период од само 3 или 4 години”, истакна Деспотовски во гостувањето на „Канал 77″.
Огромна важност посветуваме и на рамномерниот економски развој со цел сите граѓани да ги почувствуваат бенефитите од инвестициите, а не тоа да биде случај само за граѓаните на главниот град. Започнавме соработка со општините со цел заедно да креираме подобри услови за сите компании кои сакаат да инвестираат.
„И практично ги изедначуваме условите за државна поддршка за домашните и странските инвеститори. Инвеститор е инвеститор, а разликата дали и колку ќе го поддржиме ја правиме единствено според условите за раст на платите кои ги нуди, како и бизнис планот во делот на добивката, односно колку пари преку даноци и други давачка ќе инкасираме како земја од таа инвестиција. Домашните компании кои имаат потенцијал да инвестираат и да се развиваат треба да ги поддржиме без разлика дали се во ТИР зоните или надвор. И тие вработуваат, обучуваат и учествуваат во вкупниот извоз на државата”, истакна Деспотовски.
Инаку, компаниите во ТИР зоните учествуваат со 47% во извозот, а обемот на економска размена во 2020 година изнесуваше 3,4 милијарди евра. Најголемиот обем на извоз е забележан во 2019 – 3,7 милијарди евра. Оваа година во првиот квартал имаме 84% раст во однос на истиот период лани и според Деспотовски ,оваа година сигурно ќе заврши со 4 милијарди евра. И покрај пандемијата, во компаниите во ТИР зоните работат над 14.000 вработени, а оваа бројка бележи и постојан стабилен раст.