СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Димковски: Регионалната соработка е клучна во справувањето со последиците од пандемијата врз земјоделството

Министрите за земјоделство од земјите од Југоисточна Европа во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Северна Македонија и Постојаната работна група за регионален рурален развој во ЈИЕ (SWG), одржаа видеосостанок за влијанието на вирусот КОВИД-19 врз земјоделскиот сектор во Западен Балкан, како и за можните заеднички активности во справувањето со последиците.

Министрите ја презентираа моменталната состојба во земјоделството во нивните држави, како и мерките што ги преземаат за одржливо земјоделско производство, поддршка за земјоделците и продажба на земјоделските производи. Како што соопшти МЗШВ, министрите се согласија дека има доволно храна и оти земјите од регионот ќе си излезат во пресрет во делот на снабдување со храна, а посочија и дека остануваат отворени за дополнителни предлози за непречена трговија со земјоделски произоводи.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски посочи дека во овој период на глобалнана пандемија, е важно земјоделците да ги продолжат работните активности на нивите и фармите, да се зголеми домашното производство на земјоделски производи, да има непречен транспорт на стоки и солидарност во делот на соработката и размената на искуства со земјите од ЈИЕ.

– Регионалната соработка е клучна во справувањето со последиците од глобалната пандемија врз земјоделството. Важно е трговијата и транспортот на храна и суровина да се одвива непречено. Во моментов се одвива извозот на зелка, раноградинарски производи и јагниња. Наш традиционален увозник на јагниња е Италија, но поради состојбата во оваа држава, извозот оваа година не е со истиот интензитет како лани. Ние како ресорно министерство, со цел да им помогнеме на одгледувачите на овци да ги покријат загубите, ја зголемивме поддршката за женско јагне. Во делот на пласманот на земјоделски производи, воведовме електронска платформа за понуда и побарувачка, односно онлајн-продажба. Не очекуваме дека би имало недостиг на храна, има доволно храна. Во иста ситуација се наоѓаме сите држави, и сметам дека треба да покажеме солидарност во делот на соработката и размената на искуства и заеднички да креираме мерки за справување со евентуалните последици од оваа глобална пандемија врз земјоделството, порача министерот Димковски.

На конференцијата беа донесени неколку заклучоци во насока на справување со последиците од глобалната пандемија. Министрите потенцираа дека безбедноста на храната е едно од најважните проблеми за целата популација во регионот, затоа безбедноста на храната, достапноста и производството на храна се највисоки приоритети за министерствата во овие околности. Во моментов има доволно храна во регионот достапна за населението. Притоа се согласија дека владите на сите држави од регионот како и од ЕУ, треба да обезбедат непречна трговија со земјоделските производи, почитувајќи ги сите препораки и мерки на претпазливост од релевантните здравствени власти.

Како што соопшти МЗШВ, ова особено треба да се направи преку:

-Поедноставување или отстапување од одредени гранични процедури, на пример, во врска со теренските контроли; Зголемена ефикасност и проток низ воспоставените „зелени коридори“ за снабдување со храна, со избегнување непотребни административни и финансиски оптоварувања (даноци, такси, давачки) за транспортерите, извозниците и увозниците на храна;

– Поефикасен транзит низ земјите, т.е. избегнување на конвои со камиони што ја намалуваат брзината на снабдување со храна, во границите на дадени упатства и препораки од здравствените власти;

– Поради фактот што земјите од Западен Балкан се во процес на интеграција во ЕУ, ЕУ треба да размисли за повластен трговски третман на земјите од Западен Балкан;

-Министрите заклучија дека е потребна континуирана комуникација и соработка помеѓу министерствата за да се спротивстават на негативното влијание на пандемијата врз земјоделството и руралниот развој во регионот, соопшти МЗШВ, додавајќи дека за 15-ина дена е закажан нов состанок за повторно да се разгледа состојбата и да се разменат искуства.

Поврзани вести

Задолжително во пензија со 64 години, исклучок ќе има само во овие две професии!

Берта Китинска

Заев: Посветени сме на доброто управување што е основа за одржлив економски раст

Ангела Веселиновска

Греењето на дрва најзастапено, на струја еколошки најприфатливо