До 31 март ќе биде продолжен рокот за откупот на тутунот, договорија денеска производителите, компаниите и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа. Договорените количини се очекува да бидат преземени до крајот на неделава, а наредната треба да стартува откупот на вишокот.
Тутунарите сметаат дека е понижувачки да добијат по 10 – 12 денари за килограм колку што е предвидено со петте милиони евра од петтиот антикризен пакет. Тоа, велат, треба да е КОВИД-мерка, а разликата во цената од сегашните 165 до најавените 180 денари, Владата треба посебно да ја надомести. Пари, според нив, има, потреба е само добра волја да се распределат.
-Засега, просечната цена е 165,3 денари. До денеска се откупени 21 милион килограми тутун, а заклучно со утре се очекува да бидат откупени 98 отсто од договорените количини. Потоа ќе продолжи откупот на вишокот тутун што реално е најголемиот проблем годинава. Јас уште утре на Влада ќе предложам по брза постапка измена на Законот за тутун за да се пролонгира рокот за откуп до 31 март, а не да биде до крајот на овој месец. Во петтиот пакет антикризни мерки предвидовме пет милиони евра за тутунарите, но динамиката и начинот на кој ќе се исплатат останува да ги договориме откако ќе заврши целиот откуп, изјави министерот по средбата.