СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Германија: Намалување на ДДВ од 1 јули

Членовите на германскиот дом на парламентот го поддржаа пакетот мерки за стимулирање, што вклучува намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) од сегашните 19% на 16% од 1 јули.

Целта на донесените мерки е да се стимулира растот на најголемата европска економија по негативните ефекти на пандемијата на коронавирусот, пренесе „Ројтерс“.

Горниот дом на парламентот, Бундесратот, исто така, се очекува да го поддржи намалувањето на ДДВ, што ќе ја чини владата 20 милијарди евра, како и други мерки, вклучително и исплата на бонуси на семејства од 300 евра по дете.

„Имаме шанса да ја вратиме економијата на патот на раст во втората половина од годинава“, рече министерот за економија Питер Алтмајер пред новинарите.

Стапката на инфлација во Германија се зголеми малку во јуни на годишна основа, според прелиминарната статистика објавена денес, но сепак е под целта на Европската централна банка (ЕЦБ), што, според Ројтерс, дополнително го оправдува стимулативниот пакет за економијата.

Хармонизираниот индекс на цени на потрошувачите во Германија, кој овозможува споредување со податоците за инфлацијата во другите земји на Европската унија, се зголеми за 0,8 проценти од година во година во јуни од 0,5 проценти во мај, соопшти Федералниот завод за статистика „Дестатис“.

На месечна основа, усогласениот индекс на потрошувачки цени во Германија се зголеми за 0,7 проценти.

Целта на ЕЦБ е да ја задржи стапката на инфлација во валутниот блок на ниво малку под 2,0 проценти.

Берлинската влада се надева дека пакетот за економска поддршка вреден повеќе од 130 милијарди евра (146,68 милијарди американски долари) ќе и помогне на најголемата европска економија да се врати на патот на раст подоцна оваа година.

Поврзани вести

Македонските граѓани заштедиле 205 милиони евра за време на ковид-кризата

Влатко Зорба

Битиќи: Владата ќе продолжи со креирање на политики со кои ќе се поттикнува бизнис секторот

Влатко Зорба

Новиот ребалансот ќе обезбеди средства за справување со економските последици од пандемијата

Берта Китинска