Во гостувањето на ТВ 24, поранешниот гувернер Петар Гошев истакна дека единствена одговорност за пропаѓањето на Еуростандард банка го имаат акционерите и менаџерите.
-Можеме да кажеме дека во моментов имаме стабилен банкарски сектор затоа што има доволно аргументи за тоа. Сите потсистеми во економско политичкиот систем зависат од стабилноста на економскиот систем. Во рамките на потсистемите банкарскиот систем е најстабилниот сегмент. Јавноста треба да знае зошто е најстабилен, затоа што тој е најрегулиран сектор. Затоа што во тој сектор работи просечно наједуцирана работна сила, затоа што тој сектор има регулатор кој од година во година напредува. Дефинитивно банкарскиот сектор е постабилниот дел иако секогаш зависи од целината.
Апсолутна сигурност во пазарна економија нема. Некои субјекти вообичаено е да дојдат во криза. И во развојните земји имаме примери кога некои субјекти ќе излезат од целината и ќе банкротираат. Тоа се случува и во Македонија. Но целината е здрава. Банкарскиот систем е ликвиден, процентот на тешко наплатливи или ненаплатливи кредити е сведен на 4,5. На почетокот на 90-тите години тој процент изнесуваше 36.
Вината во пропаѓањето на Еуростандард е внатре во банката. Вината во акционерите и вината во менаџерите. Народната банка не ги раководи дневно банките, одлуките ги носат органите на банката, а менаџерите се тие кои што треба да ја надгледуваат работата на банката преку соодветните органи. Имаат 3, 6 месечни годишни извештаи можат да забележат како се управува со нивната банка. Таму имаме потфрлање на сите внатрешни процедури на банката затоа тоа се случило. Централната банка констатирала дека работите не одат во посакуван правец, превземала континуирани мерки ги опоменувала акционерите и органите на банката да се корегираат, очигледно тие тоа не го направиле. Ако некој решил да струполи некоја банка не може никој да ја спаси, рече Гошев.