„Економијата се движи. И во 2020 година кога во целиот свет е пандемија, ние имаме едни од најдобрите резултати на европскиот континент”, рече премиерот Зоран Заев на седницата за пратенички прашања во Парламентот, одговарајќи за економската состојба во државата и за реализацијата на капиталните инвестиции во земјава.
„Платата расте за време на пандемијата. Во овие години наназад, за 60 проценти е зголемена минималната плата. За 30 проценти е зголемена просечната плата, сега е 27 илјади денари. 300 проценти социјално се помогнати граѓаните. 99 проценти Буџетот ги наплати приходите, што само по себе е доказ колку економијата живее во државата, благодарение на мерките, на транспарентноста, на помошта што ја дадовме. Тоа е патот по којшто треба да продолжи државата”, порача премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, ги објасни активностите во делот на енергетиката и инфраструктурата. Тој посочи дека само „во источниот кумановско-кривопаланечки регион, 180 милиони евра буџетски пари се инвестираат во патишта и во железници”, како и дека „со 70 милиони евра се финансирани локални патишта во општините”, откако беа оставени со 300 милиони евра долгови од претходната власт, коишто се раздолжени и е продолжено да им се помага.
„Се инвестира како што е по пропис – додека се гради, се проектира. Оваа година почнуваме со проектирање и изведба на автопатот Прилеп – Битола, почнуваме со изведба на Битола -Меџитлија, завршува проектната документација Тетово – Гостивар – Букојчани и почнуваме со изведба. Оваа година треба да завршат проектните документации Требениште – Струга – албанска граница, согласно УНЕСКО, заради тоа што ниту за УНЕСКО сте воделе грижа, ниту за што било. Се продолжува патот Велес – Кавадарци – Прилеп, распишан е тендерот за нови изведувачи, наместо сите претходни постапки за што се водат и кривични постапки во судовите. Се изработија проектни документации на патот Скопје – Блаце, на Кичево – Букојчани, на Куманово – Ранковце – Крива Паланка – Бугарска граница, односно на сите патишта во источна, западна и централна Северна Македонија. Се работи на проектна документација Букојчани – Гостивар – Тетово. Изграден е половина од патот Штип – Радовиш. Се гради втората половина, експресен пат, 54 милиони евра. 60 милиони евра успешно се гради патот кон Бугарската граница, експресниот пат Куманово – Ранковце – Крива Паланка – Бугарска граница. Штип – Крупиште е пуштен во употреба. Свети Николе – Куманово, од 1960 година, откако бил изграден – за прв пат е комплетно реконструиран”, посочи премиерот Заев.
Во делот на енергетиката, премиерот Заев рече дека за прв пат има заинтересирано 10 големи компании за хидроцентралата Чебрен и Галиште.
„После 30 години зборување за овој проект да успее, ќе успее Чебрен, затоа што ја имаме најголемата француска, двете најголеми австриски, најголемата грчка, најголемата шпанска, една турска, две кинески и други европски компании, вкупно 10, од кои 9 ја поминаа првата фаза. Проектот е вреден 800 милиони евра. Проектот е џиновски, го подигнува БДП, создава нова регионална батерија во делот на балансирањето на енергијата во целиот регион и огромно производство, преку 300 мега вати на хидро-енергија. Се работи за комплетно еколошки сработен проект”, рече премиерот Заев.
Тој информираше дека за ТЕЦ Неготино, „во почетокот на март месец ќе биде објавен повик за јавно приватно партнерство или за продажба, за да се стави во функција на природен гас и еколошка енергија”.
„Зацртавме еден по еден да ги затвораме блоковите што работат на јаглен и ќе успееме, следува прво Осломеј, па првиот блок во РЕК Битола”, најави премиерот Заев.