Ковид кризата предизвика длабоки промени во стопанството и во функционирањето на компаниите. Прилагодувањето на оперативното работење е само мал дел од длабочината на ударот врз сите стопански сектори. Многу посериозни се условите во кои дел од стопанството во континуитет функционира и последиците што досега ги трпи, а уште посериозно е што преовладува голема неизвесност кај стопанските субјекти. Веќе се презентирани мерките од петтиот пакет за државна помош за компаниите. Но, според досегашната стратегија и овој пат со државната помош се опфатени микро, малите и средните компании, преработувачката индустрија, извозните, додека големите компании и компаниите од тешката металургија и понатаму се без поддршка.
Со бескаматни кредити, директна помош, субвенции, финансиска поддршка за плати односно за поддршка на работните места, укинување царински стапки, поволни кредитни линии и системски мерки, се спасува домашната економија, но не се опфатени сите субјекти. Освен малите и средните компании, по индустриски сектор опфатените се превозните, услужните дејности, туризмот, индустријата за организирање настани, приватните здравствени установи, забавната индустрија, тутунопроизводителите, производителите на винова лоза. Значаен дел од македонските компании е изоставен од мерките за спасување на економијата, а истите тие компании според обемот на работа и учеството во извозот се едни од главните двигатели на македонската економија. Со мерките посебно би требало да бидат опфатени оние индустриски гранки и дејности во македонската економија каде што економскиот мултипликативен фактор е повисок од еден.
Последиците од функционирањето во услови на пандемија веќе се чувствуваат. Досега спроведените мерки за одржување на стопанството, придонесоа за зголемување на нееднаквоста во условите за работа помеѓу различните дејности. Прашање е колкав ќе биде ударот врз овие компании во пост-ковид периодот.
Од март до денес и овие компании покажаа максимална грижа за своите вработени, вложија огромни напори за одржување на оперативноста, при што истовремено во текот на целиот овој период инвестираа во сопствениот развој, во унапредувањето на производните процеси и одржувањето на непрекинат тек на производството.
И додека една индустрија бара субвенции, работи во посебни услови и ги прочитува нововоспоставените протоколи, други добиваат помош за исплата на плати. Оттука, се наметнува прашањето дали е потребно и металуршките компании да бидат опфатени од овие мерки, кога се знае дека овие индустриски дејности вработуваат голем број работници. Значењето на компаниите од тешката металургија и воопшто овој индустриски сектор за националната економија е огромно. Компании како Макстил којашто вработува околу 1.000 лица, со просечна годишна вредност на извозот од 70 милиони евра, чие учество во вкупниот извоз на нашата земја е 2,5%, учество во вкупната бруто додадена вредност во економијата на земјата, во нормална година изнесува 0,3% додека во рамките на преработувачката индустрија, рударството и енергетика учествува со 1,2%. Овие показатели петкратно се мултиплицираат преку поврзаните индустрии на влезната и излезната страна.
Значењето на овие индустрии е големо за македонската економија. Вкупно гледано, производството на основни метали во создавањето на БДП директно учествува со 5,7%, а со над 33.5% во националниот БДП индиректно, преку мултипликативните ефекти врз вкупната економија. Во вкупниот национален извоз, индустријата за основни метали учествува со околу 16 проценти, а вработува повеќе од 6.000 лица, односно повеќе од 15.000 лица вклучувајќи ги поврзаните дејности.