СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Малите стопанственици обвинуваат дека обврската за регистрација чини пари, Централен регистар демантира

Зад обврската да се регистрираат како Вистински сопственици во Централниот регистар стојат скриени трошоци, обвинуваат малите стопанственици кои се јавија во редакцијата на „Стандард“.

Иако на официјалната страница на ЦРМ стои дека до 27 април регистрацијата може да се направи без надомест, тоа во пракса велат тие, не е така.

Обврската за регистрација преку регистрационен агент ги принудува стопанстениците регистрирани како ДООЕЛ да ангажираат адвокат или нотар а најнискиот износ за оваа услуга е 1500 ден.плус ДДВ. Ова е непотребно, дополнително оптоварување на ионака тенкиот буџет на нас сопствениците на дуќани, велат тие.

Од Централниот Регистар ги отфрлаат ваквите обвинувања. Објаснуваат дека уписот во Регистарот на Вистински сопственици е без надомест.
И по истекот на рокот од 27.4.2021 година уписот во РВС ќе биде без надомест ако се спроведе во законски предвидените рокови од 8 дена од денот на основањето на субјектот и 8 дена од денот на промената.

Уписот во регистарот може да го изврши секое лице кое има валиден дигитален сертификат и нема потреба од ангажирање на претставници од професионалната заедница. Централниот регистар како институција обезбеди уписот да се врши без надомест, но нема законска можност да влијае врз начинот на работа на наплата од страна на адвокатите или другите претставници на професионалните заедници.

Според дел од стопанствениците, токму критериумот за поседување валиден дигитален сертификат е проблематичен.

„Еден од условите за да можете да добиете дигитален сертификат е да имате положен правосуден испит. Секако дека лицата вработени надвор од адвокатската или нотарската фела не го задоволуваат овој услов“, велат тие.

Ваквото решение според стопанственците единствено не претставува проблем за големите компании со голем број вработени, кои и онака имаат сертификати од овој тип.

Процесот за регистрација е искомплициран и поради фактот што не можат да се користат хартиени обрасци дополнуваат тие, а неразбирливо е и зошто обврска за регистрација имаат и Здруженијата на граѓани каде претседателот може веднаш да биде заменет.

Според Централниот регистар, процесот е осмислен да се одвива целосно електронски заради обезбедување најдобро корисничко искуство на странките, да се намали физичкото присуство во институцијата, потребното време и трошоците. Ваквото дигитално решение според ЦРМ е во полза на здравјето на бизнис заедницата и на пошироката јавност. Како неоснована ја отфрлаат и дилемата околу потребата за регистрација од страна на Здруженија на граѓани.

Обврската за упис на субјектите е утврдена во Законот за спречување пари и финансирање на тероризам. Вистинскиот сопственик е секако променлива категорија и секоја промена треба да се евидентира во системот независно од типот на субјектот.

Рокот за впишувањето на вистинските сопственици истекува на 27 април. На крајот од минатиот месец во регистарот беа впишани 16.720 субјекти. Подносител на пријавата за упис на вистински сопственик може да биде секое лице кое поседува дигитален сертификат и кое е овластено од правниот субјект преку системот на администраторот.

Според објаснувањето од ЦРМ доколку законската обврска не се заврши во законски предвидениот рок, правниот субјект може да биде исклучен од платниот промет.

К.В.С.

Поврзани вести

С.Македонија најдобра во регионот според Индексот на економски слободи на „Херитиџ“

Влатко Зорба

Сугарески нов директор на Царина

Влатко Зорба

Битиќи во посета на „Лутекс“: Државта ги поддржува компаниите да инвестираат во пост-ковид периодот