По известувањето од Основниот граѓански суд Скопје дека е усвоен предлогот за отворање на стечајна постапка над „Еуростандард банка” АД Скопје и дека е определен стечаен управник, Народната банка ја известува јавноста дека штитејќи го интересот на депонентите и доверителите, активно ги презема сите активности коишто во периодот до отпочнување на стечајната постапка се нејзина законска надлежност. Заштитен е имотот на Банката, во функција на обезбедување дел од предусловите за спроведување ефикасна и брза стечајна постапка во рамки на која треба да се наплатат побарувањата на доверителите и дел од депонентите.
Ги известуваме граѓаните коишто на 12 август 2020 година извршиле готовински и безготовински трансакции преку „Еуростандард банка” АД Скопје за плаќање на сметки (струја, вода и др. давачки), вклучително и преку уплати во АД „Пошта на Македонија” дека трансакциите ќе бидат реализирани во наредните неколку дена и нема потреба граѓаните да ги плаќаат истите сметки одново.
Тимот на Народната банка е максимално посветен и за да придонесе за што побрзо завршување на сите административни процедури поврзани со исплатата на обесштетувањето на депозитите на граѓаните од страна на Фондот за осигурување на депозити.