СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Недела неработен ден за поголема продуктивност и благосостојба на работниците

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска и советникот на Премиерот за труд и социјална политика, Милан Живковиќ, денес остварија средба со претставници на стопанските комори, членки на Платформата за јавно-приватен дијалог (Стопанска комора на Македонија, Сојуз на стопански комори, Стопанска комора на Северозападна Македонија и МАСИТ), со кои дискутираа за нацрт решението на измени и дополнувања на Законот за работни односи, кои се однесуваат за „Недела – неработен ден”.

Вицепремиерот Битиќи и министерката Шахпаска посочија дека Владата останува отворена за дискусија со сите чинители на економското живеење, за секоја иницијатива поврзана со нивното делување. Ваквиот транспарентен и инклузивен начин на работа покажа дека кога решенијата се носат со заеднички консензус на сите вклучени страни имаат најпозитивен ефект.

Презентирајќи го нацрт-решението на измените и дополнувањата на Законот за работни односи, министерката Шахпаска посочи дека главните поенти на ова законско решение се:

– Неделата ќе биде ден за неделен одмор на работниците;

– Ќе постојат исклучоци во одредени дејности кои ќе бидат стриктно наведени во законското решение, а кои поради природата на технолошко-техничкиот процес не може да запрат со работа или се неопходни за нормално функционирање на целото општество;

– Сите работници и работнички ангажирани во компании кои припаѓаат во дејностите кои се дефинирани како исклучоци, ќе мора да добијат соодветен надомест за нивниот работен ангажман, дефиниран со Закон и колективен договор;

– Сите работнички и работници кои ќе бидат ангажирани во недела, ќе мора да добијат дополнителен слободен ден за одмор во текот на наредната работна седмица.

Битиќи и Шахпаска, нагласија дека со ова законско решение очекуваат да се зголеми задоволството и благосостојбата на работничките и работниците, а со тоа и да се зголеми нивната продуктивност на работните места, што би било во интерес и на работодовачите и на работниците.

Законското решение за недела неработен ден, кое е дел од Програмата на Владата, сеуште се дискутира помеѓу сите засегнати страни, во интерес на изнаоѓање на најсоодветно решение со кое би биле задоволни и синдикалните организации, како претставници на работниците и стопанските комори, како претставници на компаниите.

Поврзани вести

Цената на нафтата над 30 долари за барел, првпат по два месеца

БДП со пад од 12,7 отсто во второто тримесечје

Влатко Зорба

Арсовска: Реформи за намалување на парафискалните давачки

Влатко Зорба