СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Новиот ребалансот ќе обезбеди средства за справување со економските последици од пандемијата

Денеска пратениците треба да ја продолжат расправата за вториот ребаланс на Буџетот во кој се планирани средства за реализација на четвртиот пакет антикризни мерки во висина од 470 милиони евра за поддршка на граѓаните и стопанството за справување со последиците од здравствено-економската криза предизвикана од Ковид-19.

Власта и опозицијата, вчера на четвртиот ден од расправата продолжија со меѓусебните обвинувања за неопходноста на ребалансот и дали четвртиот пакет мерки ќе ги даде очекуваните резултати.

Од владејачката партија велат дека со ребалансот ќе се обезбеди силна поддршка за справување со здравстените и економските последици предизвикани од пандемијата.

„Ребалансот на Буџетот за 2020 обезбедува силна поддршка за справување со здравстените и економските последици предизвикани од пандемијата со коронавирусот затоа сите пратеници треба да покажат одговорност и заедно да ги усвојат измените и дополнувањата на Буџетот.

Со ребалансот се предвидени 243 милиони денари што Владата ги издвои за здравството и ќе бидат распределени за набавка на лекот Ремдесивир, како и за набавка на вакцини и тестови за ковид 19.

Тука се вклучени и средства во висина од 54 милиони денари за награда на сите здравствени работници кои се вклучени во третманот на пациентите заболени од корона вирусот.

Со измените и дополнувањата на Буџетот за 2020 се обезбедува и поддршка за справување со економските последици преку реализација на четвртиот пакет антикризни мерки.

Предвидени се 70 милиони евра за субвенционирање на плати за 83.000 вработени за месеците октомври, ноември и декември, а 27,6 милиони евра ќе се обезбедат за домашни платежни картички од по 6.000 денари за 283.000 граѓани.

СДСМ како одговорна партија е посветенa на мерките и политиките што носат поголема грижа за јавното здравје, за секој граѓанин, за секоја компанија погодени од кризата“, велат од СДСМ.

Чекаме да помине ребалансот на Буџетот и ќе излеземе со нови мерки. Сега ќе зборуваме дали нови компании треба да се вклучат во мерките, порача вечерва вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и потврди дека парите за четвртиот пакет мерки се обезбедени, а недостатокот по ребалансот, во износ од 100 милиони денари, ќе се обезбеди со домашно задолжување.

Опозицијата смета дека власта не ја менаџира добро здравствената криза и оти пакетот мерки нема да ги даде очекуваните резултати, а за пратениците од мнозинството донесувањето на ребалансот е неопходно за да може што поскоро да им се помогне на граѓаните и на стопанството.

Седницата, како што информира претседателот на Собранието Талат Џафери, продолжува во 12 часот.

Поврзани вести

Влада: Минимални трошоци за основање фирма и намалување на парафискалните давачки до 75 проценти

Никола Поповски

ТЕЛЕЛИНК БИЗНИС СЕРВИСИС ќе го снабди АЕК со платформа за хибриден облак во договор вреден над милион евра

Влатко Зорба

Изгласан новиот ДУП Градска четврт Ц 04 – Дом на градежници

Влатко Зорба