СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Оштетени штедачи: Еднаш бевме покрадени од организираната кражба на нашите депозити, сега повторно сме покрадени во стечајната постапка

„Затворањето на Еуростандард банка на ден 12 август 2020 година што се случи како резултат на повеќегодишен масовен толериран грабеж со делење на ултра ризични и ненаплатливи кредити не остави без нашите лични парични средства. Се работи за илјадници семејства кои се погодени и фирми кои во ова време на пандемија се соочија со проблеми со ликвидност и затворање. Верувавме во систем којшто не заштитува, ги доверивме нашите тешко заработени средства во финансиска институција лиценцирана, регулирана и контролирана од Народна Банка“,соопштија денеска на прес Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка – „Правда за штедачи”

„Сега се соочуваме со уште една голема неправда за која сме тука денес. Еднаш покрадени од организираната кражба на нашите депозити во Еуростандард банка и сега повторно покрадени во стечајната постапка. Согласно член 163 став 3 од Законот за банки, на државниот Фонд за осигурување на депозити му се дава првенство односно монопол во наплата на побарувањата во однос на физичките и правни лица депоненти на банка во стечај, кои на ваков начин се ставени во нерамноправна положба и се директно оштетени. Оваа крајно неправедна, дискриминирачка, незаконска и неуставна одредба ги оштетува двете групи на доверители, граѓаните со депозити над 30 илјади евра и особено фирмите.

Македонија е единствената земја во Европа и пошироко каде правните лица – фирми воопшто не се обештетуваат од државниот Фонд за осигурување на депозити во случај на пропаѓање на банка. Ние сме и УНИКАТЕН ПРИМЕР за рушење на ТЕМЕЛНИТЕ ВРЕДНОСТИ на уставниот поредок на државата. Јавноста треба да знае дека ниту една од 2.000 фирми депоненти на банката не доби ниту денар обештетување од Фондот. Многу од нив се на работ на опстојување, не се ликвидни бидејќи парите им се заробени во банката, вработените оставени на улица. Тоа е сосема спротивно и од заложбите за повеќе инвестиции, странски и домашни вложувања. Правните лица своето работење по сила на закон треба да го вршат преку банка, нивните трансакции во готовина се лимитирани ако не се преку банкарска сметка. Згора на тоа, како долевање масло на огнот, Фондот за осигурување на депозити има приоритет при наплата на побарувањата пред физичките и правни лица. Која е правната основа за ваквата поставеност на Фондот и зошто е тоа така досега никој не одговорил. Ние сме убедени дека и не може да одговори, бидејќи прашањето е многу едноставно. Зошто Фондот за осигурување на депозити има приоритет во стечајната постапка пред правните лица кога нив не ги обештетува со ниту еден денар?

Наспроти ваквото решение во нашата земја, во сите земји членки од Европската унија, обештетувањето на депозити не само што е до 100.000 евра, туку нема ни ограничување во обештетување на парични средства добиени од продажба на недвижност, на трансакциска сметка или добиени по пресуда од друг основ, додека во нашето законодавсто се е ставено во еден куп, сите средства, без разлика каде се чувани и како се нашле на сметка во банката, се сметаат за депозит.

И кај сите наши соседни земји постои обештетување со закон коешто важи како за физичките така и за правните лица при стечај на банка. Тоа е така и во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Косово. Само во Македонија правните лица се дискриминирани и лишени од било каква заштита и обештетување.

Единствена институција во државата која може и треба да ја реши оваа крајно неправедна, дискриминирачка, незаконска и неуставна одредба од Законот за банки е Уставниот суд. Решавањето на ова горчливо прашање го очекуваме преку поднесената иницијатива до Уставниот суд од октомври минатата година, со којашто бараме укинување на предметниот член од наведениот закон бидејќи со истиот се прави нееднаквост и дискриминација на доверителите во стечајната постапка на банката, што е спротивно на начелата на владеење на правото дефинирани со Уставот.

Во пресрет на седницата на Уставниот суд што е закажана да се одржи оваа среда, на којашто како прва точка од дневниот ред e ставена иницијативата за оценка за уставноста и законитоста на предметниот член од Законот за банки, Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка „Правда за штедачи”, со ова соопштение сака јавно да изрази надеж во владеење на правото и заштита на темелните вредности на оваа држава заштитени со Устав.

За да се намалат страдањата и да се избегнат можни трагедии на цели семејства како дел од обичниот народ во оваа земја, Здружението ги повикува судиите на Уставниот суд при одлучувањето да се концентрираат само на Уставот и законите, бидејќи само тоа може да гарантира дека ќе донесат одлука со која ќе ги потврдат заложбите за владеење на правото. Се друго претставува калкулантство, субјективизам, необјективност, пристрасност, политички влијанија и заштита на нечии интереси од влијателните банкарски кругови наспроти примена на правото.

Со носење на правична одлука од страна на Уставниот суд ќе значи дека во државата се уште се применува начелото на владеење на правото и начелото на еднаквост на сите странки во стечајната постапка. На тој начин, штетата ќе биде помала и по оние кои немаат никаква вина за сторениот масовен грабеж во Еуростандард банка.

Ова е во интерес не само на оштетените со стечајот на Еуростандард банка кои се сега на удар, туку на многу поширок круг на банкарски клиенти, на кои во некое идно време може да им се случи истата судбина.

Затоа, изборот е многу едноставен. На едната страна се несигурноста, нестабилноста и криминалот, додека на другата страна се владеењето на правото, уставноста и законитоста. Членовите на Здружението се длабоко убедени дека во овој случај правото е на нивна страна и дека правдата на крајот сепак ќе победи со носење на правична одлука од уставните судии на седницата на Уставниот суд закажана во среда“, се додава во соопштението.

Поврзани вести

Котација и проширување на котацијата на државни обврзници

Влатко Зорба

Претпријатија од ССК во посета на индустриската зона во Куманово

Бившите вработени во „Еурокомпозит“ излегоа на протест, бараат да им се платат заостанатите придонеси