СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Оштетени штедачи: Каде Николче Петкоски поклони 1,2 милиони евра пари од оштетените депоненти на „Еуростандард“?

„АТВ Зеус е една од најголемите фирми должници на Еуростандард банка. Според извештајот на стечајниот управник Душко Тодевски, оваа фирма должи над 1,2 милиони евра и нема платено ниту една рата нешто повеќе од година дена до самото затворање на банката во август минатата година. Формирана е со непаричен влог од 5 илјади евра од вујкото на Николче Петкоски, поранешниот директор на Еуростандард банка. Таа има еден вработен и е со трговска дејност“, соопштуваат денеска од Здружението на Оштетени штедачи на Еуростандард банка.

„На дебатната емисија на ТВ24 во ноември минатата година, Николче Петкоски јавно потврди дека кредит од таков износ бил даван сукцесивно неколку минати години на оваа фирма на основа на обична меница како единствено обезбедување. Воедно, тој јавно тврдеше и дека парите од кредитот на фирмата се вратени 95 отсто назад од дадени позајмици кон други фирми кои пак сервисирале обврски во банката.

Оваа констатација на Николче Петкоски е, всушност, основата на криминалните активности во Еуростандард банка. Од увидот во билансите на фирмата, може да се утврди дека во последните неколку години таа генерирала годишна добивка од 5 илјади евра до загуба од 24 илјади евра. Фирмата има околу 70 илјади евра годишен приход, додека нејзината задолженост во минатите пет години е во просек околу 98 отсто. Последните години фирмата има и негативен капитал како резултат на генерирана загуба, додека обврските на фирмата се над еден милион евра.

Николче Петкоски доделил 1,2 милиони евра кредит на фирма на неговиот вујко која била и е презадолжена и која не била кредитоспособна да го отплаќа истиот. Воедно, фирмата сеуште ја должи истата сума зголемена за достасаната камата. Како е можно да биде даден таков голем кредит на високоризична фирма со слаби финансиски показатели за ликвидност и успешност, фирма која воопшто не може да ги отплати ратите на кредитот од своето работење, а има дадено обична меница како единствено обезбедување!? Кој е мотивот и капацитетот на фирмата да дава позајмици на други фирми за да сервисираат нивни обврски кон Еуростандард банка, а за таа цел да „подигне” ултра голем кредит којшто неможе да го отплаќа!?

Николче Петкоски го одобрил додека Трифун и Коста Костовски потпишале и се согласиле да кредитот биде доделен. Кредит којшто бил даден за да не се врати. Чист криминал!

Што има гувернерката Анита Ангеловска Бежоска да каже за овој случај од високоризичен кредит, само еден од многуте такви кредити во банката дадени во неповрат? Нели нејзината задача е да го оцени кредитниот ризик на пласманите преземени од банката, дали банката го прикажала соодветно овој ризик и како управувала со истиот? Како тоа гувернерката Бежоска ги гледала трансакциите од милиони евра од неозбезбедени високоризични кредити масовно делени без никаква контрола и преземени соодветни мерки? Зошто гувернерката Бежоска не вовела административна управа уште пред неколку години за да ја спаси банката од неконтролираниот грабеж на нашите депозити и нејзина сигурна пропаст!?

Зошто во 2018 година е потпишано решението со кое му се продолжила лиценцата за работа на Николче Петкоски? Наместо да му ја одземе лиценцата на овој измамник, гувернерката Бежоска дозволила тој и понатаму да работи во банката и да ги краде нашите депозити.

Три главни групи го сочинуваат овој организиран криминал: раководството на банката составено од тројцата првотимци кои ги делеле ненаплатливите високоризични кредити, потоа сопствениците на фирмите кај кои завршувале нашите пари или биле делени понатаму, и гувернерката Бежоска како предводник на Народна банка која го злоупотребила законот, гледала но молчела и дозволила да бидеме измамени, излажани и покрадени во целост.

Ова е почеток на крајот на овој организиран криминал. Вистината и правдата се на наша страна и затоа сме убедени дека овие крадци и криминалци ќе бидат казнети и ставени во затвор, а нашите пари вратени во целост. Нема поголема мотивација од самата вистина и борба за правда“, додаваат оттаму.

Поврзани вести

Ангеловска-Бежоска: Доколку сите го дадеме максимумот во остварувањето на целите, напредокот ќе биде неизбежен

Витаминка се стекна со 190 сопствени акции

Влатко Зорба

Поповска: Дојдено е времето кога дел од поддржувачите на „загадувачки“ бизниси ќе се преориентираат кон зелените еколошки бизниси

Влатко Зорба