СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Оштетени штедачи: Како Југотрејдинг ДН добила кредит од близу 1.300.000 евра за хипотека пет и пол пати помала од кредитот?

„Запрепастувачки е колку лесно се одобрувале неповратни кредити на избрани фирми од Еуростандард банка додека за тоа гувернерката Анита Ангеловска Бежоска знаела и молчела. Се повеќе граѓани ги читаат овие наши објави и се прашуваат како е можно да се давале толку големи кредити на вересија, без никаква контрола, правила ниту процедури. Чест коментар е како е можно да се делат мултимилионски кредити во евра без или со несоодветно покритие или пак со обична меница на фирми кои се високоризични за соработка, презадолжени и најчесто во загуби“, соопштија од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард Банка.

„Според извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, Југотрејдинг ДН дооел е фирма од Струмица која добила кредит од 1.260.000 евра од Еуростандард банка и не платила ниту една рата 363 дена или една година пред да се затвори банката. Како обезбедување на замениот кредит се води хипотека на станбен простор и залог на опрема со проценета вредност од 230.000 евра, што е пет и пол пати помалку од земениот кредит. Или со други зборови, доколку проценетата вредност на обезбедувањето е вистинита и може да се наплати при активирање на хипотеката, ние депонентите ќе бидеме ограбени за околу еден милион евра само од овој високоризичен кредит.

Југотрејдинг ДН дооел е основана во мај 2016 година, со непаричен влог од 5.000 евра. Таа има седум вработени и е депонент на Комерцијална банка. Сопственик и управител на фирмата е Борка Делева. Основна дејност на фирмата е преработка и конзервирање на овошје и зеленчук.

Од увидот во билансите на фирмата, податоците се многу загрижувачки. Откако е основана, фирмата постојано била презадолжена, за да во 2019 година, тогаш кога е одобрен и доделен кредитот, оваа фирма имала долгови од 3.400.000 евра, додека капиталот бил негативен во износ од околу 220.000 евра, односно степенот на задолженост бил 107 отсто. Последните години фирмата имала загуби. Воедно, оваа фирма има и тековен долг за неплатени даноци и продонеси од 305.000 евра према Управата за јавни приходи. Сумарно, фирмата ниту можела ниту може да го враќа доделениот милионски кредит.

На основа на која кредитна политика, критериуми и процедури се доделил овој милионски кредит во евра на презадолжена, нестабилна и високоризична фирма за соработка? Дали некоја од нашите надлежни институции и истражни органи ја прашале сопственичката на фирмата Борка Делева со кого се поделиле и каде завршиле нашите лични доверени пари во контролирана банка? Што направила гувернерката Бежоска да го спречи и запре овој организиран криминал, еден од стотиците во Еуростандард банка? Како тоа се одобрил кредит од менаџметот на Еуростандард банка со пет и пол пати помала хипотека, не платена ниту една рата, ниту еден денар цела една година, а никој да не видел, не слушнал и да не одговара за овој грабеж?

Вицепремиерот Љупчо Николовски, задолжен за борба против криминалот и корупцијата во нашата земја, често јавно изјавува дека безкомпромисно се бори против организираниот криминал и високата корупција, со ветување дека никој нема да биде амнестиран што се огрешил пред законот. И дека криминалците мора да одговараат. Што треба ние да направиме за да Николовски се охрабри да преземе акција за решавање на организираниот криминал и високата корупција во ограбената Еуростандард банка? Очекуваме неговиот молк да го преточи во дела веднаш. А ние може да му помогнеме со доставување на сите факти и докази со кои располагаме, тие кои веќе беа објавени и многу останати кои следат“, посочуваат оттаму.

Поврзани вести

Голем пад на вредноста на биткоинот поради случувањата на берзите на нафта

Газди наместо на работниците, државните пари ги ставале во џеб, за казна ќе бидат јавно објавени

Заедничка фабрика на „Џенерал моторс“ и „Ел-Џи“ за производство на батерии за електромобили