СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Оштетени штедачи: Кои се утврдените факти поради кои пропадна Еуростандард банка?

„Веќе подолг период објавуваме факти за сторените криминални дела од мноштвото учесници во организираниот толериран грабеж на депозити од Еуростандард банка. Сумарно, едни одобрувале ненаплатливи кредити, други ги земале и ги делеле понатаму, а трети ги толерирале и аминувале овие криминални зделки. Едните се раководните лица во ограбената Еуростандард банка, Трифун и Коста Костовски и директорот на банката Николче Петкоски, другите поединци и сопственици на избрани фирми каде завршувале парите и биле поделени соодветно по заслуга и претходен договор, и третите се гувернерката Анита Ангеловска Бежоска и нејзинот прв тим од Народна банка кои слепо гледале, молчеле, го дозволиле и учествувале во сторениот криминал“, соопштуваат од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард.

„Еве што говорат фактите за овие криминално-коруптивни дејствија констатирани во наодот и мислењето од извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски.

Врз основа на извршениот увид врз документите во Еуростандард банка и направената анализа е констатира следната фактичка состојба:

1) Нецелосна усогласеност на Банката со интерните политики и процедури за кредитен ризик, како и со Одлуката за управување со кредитен ризик.

2) Системот за мерење на загуби од кредитен ризик е оценет како слаб. Утврдено е неприменување на одредбите на одлуката за управување со кредитен ризик и тоа кај масовен дел од портфолиото на правни лица.

3) Пракса на масовно одобрување на кредити за измирување на достасани обврски во Банката.

4) Непрепознавање на ризикот од концентрација кај поединечен клиент и со него поврзани лица.

5) Банката преземала поголем кредитен ризик кај клиентите кај кои одобрила изложеност покриена единствено со меница или пак вредноста на обезбедувањето е пониска од изложеноста на клиентот.

6) Банката одобрувала изложености иако истите не ги исполнувале критериумите за одобрување дефинирани во Кредитната политика.

7) Банката имала значителни слабости во воспоставениот систем за наменско користење на средствата од одобрените кредити.

8) Утврдени биле слабости во системот на индикатори за рано предупредување.

Како главна основа на овој организиран криминал се 149 фирми кои земале ненаплатливи кредити во стотици илјади или милиони евра и не платиле ниту една рата и со години. Од овие фирми нема што да се наплати бидејќи немале адекватно обезбедување ниту биле бонитетни да земат така големи кредити. Многу од нив се веќе или затворени, во стечај или се пред затворање. Имаат големи долгови, многукратно поголеми од нивниот капитал и резерви. Едноставно, делени се кредити за да не се вратат. И сето тоа се случувало под будното око на Народната банка и гувернерката Бежоска кои го дозволиле овој масовен криминал на нашите депозити.

Главниот водач на криминалната банда од ограбената банка, Трифун Костовски, преку медиумите самошто најави негово јавно објавување на криминалните шеми кои ги правеле во банката и предупреди дека тоа може да биде штетно за иднината на државата. Прашање е колку може да му се верува на криминалец од таков калибар како Трифун Костовски, позади кој досега има повеќе изречени лаги и контрадикторности. Прво, тој јавно изјавуваше дека е виновен и одговорен за сторениот криминал, потоа тврдеше дека нема никаква вина, за да последно јавно изјави дека направил кривично дело во процесот на докапитализацијата на банката во 2019 година. На почеток, тврдеше дека ќе има пари да се обештетат во целост од стечајната маса сите оштетени граѓани и фирми депоненти во банката за не повеќе од една година, за да потоа изјави дека криминалот не е 60 милиони евра туку 120 милиони евра. Фактите се едни, а приказните се други. Дали ќе слушнеме повторно приказни од главниот криминалец или навистина ќе дознаеме нешто повеќе за тоа како ја покрале банката тој и неговите бандити, останува да видиме во многу скоро време. Тоа може и ќе помогне да што поскоро целосно се расветли организираниот криминал во Еуростандард банка и да ни се вратат украдените пари додека криминалците заслужено бидат упатени на отслужување на долгогодишни затворски казни.

За расветлување на криминалот, ќе продолжиме со објавување на криминалните стории од избраните фирми на коишто се делени ненаплатливите кредити и во кои има и познати звучни имиња од нашата држава. Со тоа веруваме дека ќе помогнеме во расветлување на овој организиран криминал и корупција, коишто и после седум месеци продолжуваат да се толерираат и да се премолчуваат од надлежните институции, за да пошироката јавност се запознае за какво ниво на криминал и корупција се работи во банкарскиот сектор во нашата земја, поддржани од банкарската мафија и толерирани од државата“, велат оттаму.

Поврзани вести

Пауновски: Лимоните ќе се продаваат по 70 до 110 денари за килограм

Во Собранието усвоен Законот за отпис на каматите и репрограмирање на долговите дадени на извршување

Stefanija Kuzmanovska

10-тото јубилејно издание на BIWC – Балкански интернационален вински натпревар 2021 година во Македонија

Влатко Зорба