СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Отворен прехранбено-технолошки центар за развој на иновативни продукти

Отворен е прехранбено-технолошки центар за развој на иновативни продукти, покрај лабораториска инфраструктура ќе се нуди и експертска помош за да им овозможи на студентите за време на своите студии да работат на иновативни реални проблеми во прехранбениот сектор, порача министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

– Воедно на компаниите од прехранбениот сектор во Вардарскиот плански регион ќе им се овозможи користење на уникатна стручна услуга поточно експертиза од страна на професорскиот кадар и опрема што ќе овозможи подигање на свеста за примена на иновации и подобрени технологии во производствениот процес. Со исполнувањето на овие цeли новоформираниот Центар претставува комплетно нова понуда за бизнис секторот. Набавена е лабораториска опрема, апаратура за автоматизирана анализа на протеини, апаратура за автоматизирана анализа на масти и инструмент за определување на воден активитет. Благодарени на Швајцарската Влада преку Швајцарската агенција за развој и соработка се овозможија 2 милиони 169 илјади денари да се инвестираат за проектот. И во иднина очекуваме ваков тип на проекти и со останатите институции кои се од суштинско значење за општеството за развој на економијата и квалитетно високо образование, изјави Милевски.

Проектот „Прехранбено-технолошки центар за развој на иновативни продукти” е реализиран во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој” со финансиска поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка.

– Малите и средни претпријатија немаат ресурни, ни капацитет за in-house сектор за истражување и развој, што води до потребата за надворешни извори за иновации, за што решението е соработка со Универзитети. Воодушевена што овој проект, поддржан од нашата грантова шема беше идентификуван преку алатката регионални форуми. Граѓанското учество е клучно за процесот на донесување на одлуки за функционална демократија и просперитет, порача Сибил Сутер, Амбасадорката на Швајцарија.

Целта на овој проект е да се зајакне конекцијата помеѓу образованието и индустријата, во овој случај прехранбената индустрија, преку отворање на Прехранбено-технолошки центар за развој на иновативни продукти.

– Искрено верувам дека современата опрема набавена во рамките на проектот ќе помогне во подобрувањето на стандардите за квалитет на суровините и прехрамбените намирници и на регионално и на национално ниво и ќе им отвори на нашите компании уште поголеми можности за пласман на производите на домашниот и странскиот пазар. Можноста да се спојат научните умови од факултетот со менаџерските тимови и стручните лица од компаниите, претприемачите и консултантите е одлична за економскиот развој на нашиот регион. Иновативноста веќе не е императив, таа од денеска станува и наш начин на живот, единствено нешто што може да не доведе до подобро утре, вели Аце Коцевски, градоначалникот на општина Велес.

За Игор Андреев, менаџер на Центарот за развој на Вардарски плански регион особено е важна поддршката за компаниите во прехрамбениот сектор, во пост-ковид периодот, во кој треба да зборуваме за реален раст, а не само за преживување. Раст, кој е возможен само преку иновации и понуда на нови производи, согласно потребите на новите генерации потрошувачи, ќе им помогне да иновираат и развијат нови производни асортимани, со кои ќе ја зајакнат конкурентската позиција на домашниот, но и на пазарите во соседните земји, ЕУ и пошироко.

Прехранбено-технолошкиот центар за развој на иновативни продукти формиран во рамки на проектот на Технолошко-техничкиот факултет (ТТФ) од Велес, единица при Универзитетот „Св. Климент Охридски” од Битола, преставува нова понуда за за компаниите од прехранбениот сектор од Вардарскиот плански регион, која ќе овозможи зацврстување на врската академија – индустрија. Центарот како партнер на компаниите ќе помогне во развојот на иновативни продукти и подобрување на постоечките производи и технологии.

– Од грантот набавена е нова софистицирана лабораториска опрема, која ќе ги унапреди истражувачките капацитети, со кои Центарот ќе излезе во пресрет на потребите на прехранбената индустрија. Покрај компаниите, опремата и услугите на Центарот ќе ги користат и актуелните и дипломираните студенти на трите циклуси академски студии на нашиот факултет, за истражувачки цели и креирање на нови производи, со што ќе се поттикне иновативниот и претприемничкиот дух за започнување на сопствен бизнис, вели Татјана Калевска, Деканка за Технолошко-технички.

Во рамките на овој проект, во период од четири месеци Мирана дооел Велес има право на бесплатно користење на услугите на Центарот за развој на иновативни продукти, и ќе користи стручна помош и лабораториски испитувања кои се однесуваат на одобрениот проект.

– Компанијата Мирана ДООЕЛ во рамките на овој проект ќе развие нов иновативен производ- фил за кроасани. Самиот производ, фил, бара да има ниска концентрација на активна вода во истиот, со што се спречува создавање на поволна средина за развој на бактерии, квасци и мувли, параметар кој ќе биде испитуван во новоформираната лабораторија, вели Анета Стајиќ, од Мирана дооел.

Поврзани вести

Отворен граничниот премин Белановце Станчиќ

Влатко Зорба

Македонија 2025 на самитот ќе ги спои иноваторите за почист воздух и градоначалниците

msp-admin

Ангеловска: Преку 276 илјади граѓани веќе добија и користат Домашна Платежна Картичка