СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Постапката за изградба на топловодната мрежа во Битола е во процедура

Постапката за изградба на топловодната мрежа од РЕК „Битола” до градот Битола е во процедура. Во изминатата година заврши тендерската постапка, а на 18 јануари ги добивме и двете понуди од двата номинирани конзорциуми коишто предлагаат и даваат понуда за изградба на овој топловод, информира денеска генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.

– Очекуваме во наредните два до три месеци да ја докомплетираме постапката и конечно да се реализира овој исклучително важен еколошки и економски проект за градот Битола. Овој проект се гради со кредит од германската KFw банка и ќе се искористат околу 40-ина милиони евра, рече Ковачевски во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Тој нагласи дека токму затоа е и енергетската трансформација на производството во РЕК „Битола” од јаглен на други енергенси и предвидена изградба на когенеративната гасна електрана која покрај електрична енергија ќе произведува и топлинска енергија.

– Нејзината изградба е со цел да се задоволат потребите и на топловодот којшто ќе значи поевтин и еколошки почист енергенс за затоплување на градот Битола и на општините Новаци и Могила, вклучително и 33 големи објекти на институциите во градот. Од овој проект голем бенефит ќе имаат и земјоделците коишто на трасата од РЕК „Битола” до Општина Битола можат да ги направат своите производствени капацитети за оранжериско производство на земјоделски производи, посочи Ковачевски.

Поврзани вести

Седница на Комисијата за јавно-приватно партнерство: „Сите важни теми за стопанството се дискутираат директно со претставниците на стопанските комори“

Министерство за економија: Има доволно резерви на пченица, нема неконтролиран извоз во Косово

Американците би можеле да заштедат околу 70 милијарди долари годишно со преминување на електрични возила

Stefanija Kuzmanovska