СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

„Правда за штедачи“: Уставниот Суд е да се апстрахира од политичките влијанија

„Во пресрет на утрешната седница на Уставниот Суд, на којашто како прва точка од дневниот ред e ставена иницијативата за оценка за уставноста и законитоста на член 163 став 3 од Законот за банки, Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка „Правда за штедачи”, со ова соопштение сака јавно да изрази надеж во владеење на правото и заштита на темелните вредности на оваа држава заштитени со Уставот. Имено, членовите на Здружението се длабоко убедени дека во овој случај правото е на нивна страна и дека правдата на крајот сепак ќе победи“, соопштија од Здружението.

„Во таа смисла, Здружението ги повикува судиите на Уставниот Суд при одлучувањето да се концентрираат само на Уставот и законите, бидејќи само тоа може да гарантира дека ќе донесат одлука со која ќе ги потврдат заложбите за владеење на правото. Се друго претставува калкулантство, субјективизам, необјективност, пристрасност и заштита на нечии интереси наспроти примена на правото.

Кога е во прашање заштита на интереси, би сакале да потсетиме дека свои интереси околу Еуростандард банка имаат многу групи и поединци, разни структури на луѓе, банкари, политичари, бизнисмени, владини претставници, државни органи, структури од подземјето, поранешни акционери, менаџери и вработени во банката, па се до корисници на кредити. Доколку Уставниот Суд калкулира со заштита на некои од нивните интереси тогаш никогаш нема да донесе одлука која ќе биде одраз на владеење на правото.

Оттука, нашиот повик до Уставниот Суд е да се апстрахира од:

Прво, политичките влијанија, бидејќи политиката не значи владеење на правото туку протежирање на политичка агенда. Политичката агенда неретко штити интереси на одредени политички или други елити и најчесто не е во корелација со правната држава, ниту со заштита на правата на граѓаните. Наместо тоа, политиката се обидува да ја искористи правната држава како алатка за интересите на елитите. Само почитување на правото и темелните вредности на Уставот можат да бидат брана за ваквото протежирање на политичките агенди во интерес на елитите, наспроти интересот на граѓаните. Случајот со Еуростандард банка има токму такви индиции, дека во прашање е судир меѓу граѓаните и фирмите депоненти од една страна и системот односно елитите чија жртва се токму граѓаните и фирмите од друга страна.

Второ, влијателни банкарски кругови коишто ја застапуваат тезата за нарушување на финансискиот систем и банкарскиот сектор во случај на позитивна одлука на Уставниот Суд. Тоа не е ништо друго туку повторно политичка калкулација но на еден посуптилен начин. Уставниот Суд треба да ја цени само уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки и не може, ниту смее, да навлегува во било какви финансиски калкулации. Згора на тоа, тие калкулации се од лични, банкарски интереси бидејќи доколку се случи промена во листата на доверители со приоритет за наплата од стечајната маса на Еуростандард банка, нема да има никакво нарушување во финансискиот систем или банкарскиот сектор. Освен што можеби банките ќе треба да плаќаат нешто повисока премија во рамките на законскиот максимум, наместо тие средства да си ги пресметаат како чист профит. Со други зборови, банките не се борат за зачувување на сигурноста на банкарскиот сектор, туку за задржување и зголемување на нивниот профит. И тоа, на сметка на оштетените депоненти, физички и правни лица, во Еуростандард банка.

И трето, сите други структури кои имаат непосреден или посреден интерес од или во стечајот на Еуростандард банка и кои преку стечајот се обидуваат да профитираат, да сокријат одредени состојби, да избегнат одговорност или да протежираат некакви решенија во сопствен интерес. Особено што околу банката има многу сомнителни случувања од криминален карактер, а најмногу околу делењето на кредити „од ракав”, без почитување на потребното обезбедување.

За сите нив амбиентот на правна држава не е здрав. Тие се научени да ловат во матно. Ние како Здружение на оштетени физички и правни лица убедени сме дека Уставниот Суд има сили и знаење да се апстрахира од сите влијанија и да одлучува независно, по сопствено убедување. Во таков случај, за нас нема дилеми, одредбата од член 163 став 3 од Законот за банки со којашто Фондот за осигурување на депозити има приоритет при наплата на побарувањата од стечајната маса е очигледно неуставна и Уставниот Суд како таква треба да ја укине и стави вон сила. Во интерес не само на оштетените со стечајот на Еуростандард банка кои се сега на удар, туку на многу поширок круг на банкарски клиенти, на кои во некое идно време може да им се случи истата судбина“, додаваат оттаму.

Поврзани вести

Започнува првата фаза за креирање на Националната развојна стратегија

Влатко Зорба

Бабовски: Со ИПАРД средствата се развива домашната економија и се отвораат нови работни места

Франција забележа историски пад на БДП од 13,8 проценти во вториот квартал

Stefanija Kuzmanovska