СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Продолжува трендот на зголемени активности и позитивни економски движења во ТИР зоните

Во технолошко индустриските зони продолжува трендот на зголемени активности и позитивни економски движења – покажува анализата на ТИРЗ за почетокот од годинава. Компаниите, како што соопштуваат од Дирекцијата на ТИРЗ, кои се активни во зоните продолжуваат да го зголемуваат своето учество во вкупната економија во земјава.

Вкупниот извоз од зоните во јануари 2021 е за речиси 34 отсто зголемен во однос на јануари 2020 година. Бројките покажуваат дека компаниите во зоните биле најмногу погодени од пандемијата, но имаат и најголем потенцијал за брзо закрепнување. Трендот на раст почнува од август, со зголемени активности и во однос на истиот период од претходната година при што врвот од 100 проценти е достигнат во октомври.

Компаниите-инвеститори во ТИРЗ остануваат носители на извозот во земјава со речиси 45% отсто удел во целокупниот извоз или 2,6 милијарди евра за последната година. Во соопштението додаваат дека и во однос на увозот во рамки на зоните е регистриран раст од над 62 отсто во јануари 2021 година споредено со истиот период лани. -Во зоните е регистриран и позитивен тренд во однос на нето извозот од +17,4 отсто, односно поголема покриеност на увозот со извоз во однос претходната година. Во националната економија покриеноста на увозот со извозот е минус 24 отсто, стои во соопштението. Во него се додава дека во првиот месец од годинава ТИРЗ бележи благ тренд на пораст на вработени во зоните во кои во моментов работат над 14 000 лица.

ТИРЗ, додаваат, развива нов сет мерки за поттикнување на компаниите предвреме да ги исполнуваат своите таргети за вработувања и преземени инвестиции.

-Овој нов квалитет во нашите односи, во односите на Владата со инвеститорите го гледаме и во тоа што ги поттикнуваме компаниите не само да ги исполнуваат своите инвестициски планови туку да одат и побрзо со исполнување на роковите и во однос на обем на инвестиција и во однос на работни места, па дополнително она што е исто така многу важно и во смисла на зголемување на платите. Конкретно компанијата Гентерм е еден од позитивните примери коишто минатата година го достигна предвидениот број на работни места од над 2000 луѓе кои инаку по договорот за државна помош требаше да го достигне во 2024 година. Меѓутоа компанијата не беше сама во тој проект. Државата, Дирекцијата, Владата застана позади тоа и исто така пред време, значи четири години пред истекот на рокот си го исполни својот дел на обврската. Со тоа испраќаме јасна порака до инвеститорите дека сакаме да ги реализираат своите сопствени инвестициски планови и тоа да го направат побрзо и подинамично, вели Јован Деспотовски, директор на ДТИРЗ.

Истовремено кај инвеститорите, наведуваат од ТИРЗ, има позитивни реакции и подготвеност заедно со ТИРЗ да работат на мерки и програми со кои ќе се поттикне и раст на платите преку зголемена продуктивност на трудот. Посочуваат дека новиот концепт во работењето на ТИРЗ се базира на четири столба: привлекување странски инвестиции со поголем квалитет, отворање кон домашните инвеститори, нов систем на државна помош според потребите на потенцијалниот инвеститор дополнет со сет мерки за зголемување на плати и поголема продуктивност на трудот, како и нов концепт на “after care“ односно грижа за корисници.

Поврзани вести

Славески: Пречестото користење на фразата дека ќе инвестираме во човечки капитал е некоректно

msp-admin

НУК денес ќе го издаде првиот сертификат и безбедносен печат „SAFE TRAVELS“

Влатко Зорба

Меркел: Германија е решена да го заврши „Северен тек 2“ и покрај американскиот притисок

Stefanija Kuzmanovska