СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Ребалансот усвоен, потребните средства ќе се обезбедат од домашни извори, најави Бесими

Спроведување на четвртиот пакет антикризни мерки е целта што треба да ја постигне ребалансот на буџетот што Владата го усвои вчера на седница, а е втор годинава. Приходите со овој ребаланс се пониски за 0,2 отсто во однос на првиот ребаланс, расходите се повисоки за 4,2, а дефицитот е зголемен за 22,6 отсто.

Министерот за финансии Фатмир Бесими на прес-конференција на која го претстави предлог ребалансот, увери дека финансирањето е обезбедено и дека сите обврски ќе се реализираат согласно планираното, а преку реализацијата на предвидените мерки од четвртиот пакет ќе се придонесе за подобрување на вкупниот економски резултат, односно амортизирање на социо-економскиот удар од пандемијата, додека следната година се очекува заздравување на економијата со економски раст и постепена фискална консолидација.

-Буџетот ќе се финансира на стабилна основа и сите обврски ќе се финансираат стабилно кон сите. За се што е потребно се обезбедени извори на средства, рече министерот.

Тој потенцира дека нема потреба од надворешно задолжување, туку потребните средства ќе се обезбедат од домашни извори.

-Со новиот пакет антикризни мерки одиме со дополнително зголемување на буџетскиот дефицит за 200 милиони евра кој делумно ќе се финансира од депозити и од домашно задолжување. Од депозити се обезбедуваат 100 милиони евра и до 150 милиони евра преку домашно задолжување, зависно од тоа колку би биле потребите, рече министерот Бесими, додавајќи дека од предвидените 300 милиони евра депозити за наредната година 100 милиони ќе се искористат годинава, а 200 милиони евра ќе се префрлат за наредната година.

Тој потенцира дека со овие интервенции јавниот долг на крајот на годината се проценува на 59,5 отсто од БДП.

Бесими соопшти дека вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година се планирани на ниво од 196,4 милијарди денари и се на речиси идентично ниво во однос на планот, имајќи предвид дека со претходните измени и дополнувања на Буџетот истите беа планирани на реално ниво односно пониски за 11,5 отсто во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Во структурата на вкупните приходи, даночните приходи учествуваат со 55,6 отсто и се планирани на ниво од 109,2 милијарди денари. Придонесите од социјално осигурување како изворни приходи на фондовите се планирани во износ од 65 милијарди денари или за 2,6 отсто повисоко во однос на планот за 2020 година. Останатите приходи – неданочни, капитални и странски донации се планирани на ниво од 22,1 милијарди денари.

Вкупните расходи, како што рече, се планирани на ниво од 253 милијарди денари или за 4,2 отсто, односно за 10,1 милијарди денари повеќе.

-Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 56,6 милијарди денари, односно 8,4 отсто од БДП. Кај сите земји во светот преку фискалната политика се настојува преку различни мерки да се ублажи ударот од економската криза, што повлекува проширување на дефицитот во сите земји, рече Бесими и додаде дека земјите како Шпанија, Франција, Грција, Италија, Велика Британија се очекува да имаат најголем дефицит кој ќе се движи и над 9 отсто, додека просекот во Еврзоната се очекува да биде 8,4 отсто.

Посочи дека имајќи ги предвид настанатите околности извршени се промени во однос на иницијалните проекции на расходната страна на Буџетот на Република Северна Македонија, пред се за спроведување на активностите предвидени со четвртиот сет на мерки.

-Со овој ребаланс се овозможува спроведувањето на четвртиот пакет антикризни мерки, кој има за цел да обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да помогне одредени погодени дејности, да обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да обезбеди политики кои ќе помогнат во спроведување брза излезна стратегија, за кога ќе заврши кризата да продолжиме со позитивните трендови на новата развојна македонска економија, оцени Бесими

Расходите за исплата на платите се проектирани на 30,2 милијарди денари односно на исто ниво во однос на планот. Расходите за стоки и услуги се планирани во износ од 17,8 милијарди денари или за 1 милијарди денари помалку во однос на планот за 2020 година. Тековните трансфери се планирани на ниво од 178,4 милијарди денари или за околу 12.3 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2020 година, а се однесуваат пред се на преземените мерки за обезбедување средства за имплементација на економските мерки донесени од страна на Владата за справување со кризата предизвикана од пандемијата на COVID -19, а кои ќе имаат директен импакт врз реалната економија и ќе претставуваат директен поттик за приватната потрошувачка.

За средствата кои се обезбедени со реалокација, министерот посочи дека се опфатени сите институции по принципот да се скрати се што не е поврзано со основната дејност и не ја нарушува основната дејност на институцијата, како и во делот на капиталните расходи, каде е скратено она што очигледно нема да се реализира до крајот на годината.

Во новиот ребаланс, како што појасни, се распределени за финансиска поддршка за исплата на плата на вработени во приватниот сектор со надоместок во интервалот од 14.500 до 21.776 денари, во компании кои имаат поголем пад на приходите како последица на пандемијата, 4,3 милијарди денари или 70 милиони евра за домашна платежна картичка за ранливи категории погодени од COVID-19 за плаќање на домашни производи и услуги кај погодениите сектори, 1,6 милијарди денари или 27 милиони евра за поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња, 412 милиони денари или 6,7 милиони евра за поддршка на туристички водичи регистрирани како самостојни вршители на дејност, 9,8 милиони денари или 160.000 евра за враќање на туристичка такса за 2019 година, за остварени ноќевања – 120 милиони денари или два милиони евра, за македонски викенд шопинг со МојДДВ, при што за граѓаните кои се регистрирани на апликацијата МојДДВ ќе се врши поврат на целиот износ на ДДВ за купени домашни производи и услуги и компјутерска опрема за промет до 30.000 денари, милијарда денари или 17 милиони евра за државна гарантна шема и Царинска гаранција преку Развојната банка, со што се нуди дополнителна можност за полесен пристап до финансиски средства за поддршка на приватниот сектор, преку преземање на дел од кредитниот ризик, 799 милиони денари или 13 милиони евра за грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби – 330 милиони денари или 5,5 милиони евра.

Со ребалансот капиталните расходи се планирани на ниво од 18,4 милијарди денари или 1,2 милијарди денари пониски во однос на планот за 2020 година, а се резултат на забавени економски активности, пролонгирање на инвестициони вложувања заради изборните дејствија, како и мерки за воздржување од набавки на мебел, опрема и возила, кои суштински и директно не се поврзани со справување со здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19. Притоа, капиталните расходи на основниот буџет се на исто ниво.

Предлог-ребалансот денеска ќе биде доставен до Собранието, по што министерот очекува брзо усвојување, за што побрзо започнување со четвртиот сет мерки за помош на граѓаните, компаниите и целата економија.

Поврзани вести

На земјите во развој ако продолжи кризата со пандемијата ќе им бидат потребни над 2,5 трилиони долари помош

СКСЗМ: Ликвидноста да биде клучна за петтиот пакет мерки

Влатко Зорба

НУК до Филипче: Зошто угостителите повторно се игнорираат и деградираат?

Влатко Зорба