Како член на Енергетската заедница, Северна Македонија има обврска да усогласи одредени национални закони за енергетика, клима и животна средина со законодавтсвото на ЕУ. Секоја година, Енергетската заедница објавува извештај во кој го опишува напредокот на секоја земја – договорна страна на заедницата.
Енергетската заедница, претходно позната како Енергетска заедница на Југоисточна Европа, е организација чија цел е создавање соработка помеѓу Европската унија и други земји од Југоисточна Европа заради проширување на внатрешниот пазар на енергија на ЕУ. Со други зборови, целта е да се „усогласи и либерализира енергетскиот пазар на ЕУ“ заради пристап до пазарот, транспарентност, регулација, заштита на потрошувачите, интерконективност и обезбедување на соодветни нивоа на снабдување со енергија.
Во моментов, Енергетската заедница се состои од Европската унија и девет „договорни страни“; Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Северна Македонија, Молдавија, Црна Гора, Србија и Украина. Ерменија, Норвешка и Турција се наведени како „набљудувачи“.
Годишен извештај за имплементација
На крајот на секоја година, Енергетската заедница го објавува Годишниот извештај за имплементација во кој се претставени активностите на секоја земја и нивниот напредок кон постигнување на целите и заложбите на Договорот за Енергетска заедница. Извештајот за 2020 година го опфаќа периодот од 1 ноември 2019 до 1 ноември 2020 година.
6 причини за загриженост за Северна Македонија
Во извештајот се пофалува Северна Македонија бидејќи е една од најнапредните земји во заедницата на голем број фронтови. Во него се наведува дека земјата се движи со „импресивно темпо“ и ја пофалува за усвојувањето на Законот за енергетика во 2018 година, Стратегијата за развој на енергијата и фактот дека пазарот на електрична енергија е отворен и ослободува од регулирање на цените на големо и мало.
Сепак, постојат сериозни причини за загриженост.
Ние наведуваме 6 подолу:
1. Нè очекува долг пат за достигнување на целите за обновлива енергија
Беа одржани голем број аукции и тендери за нови соларни централи во 2019 година. Потпишани се 11 договори за нови централи на јавно земјиште, 24 на приватно земјиште и 1 за соларна централа на местото на затворениот рудник со отворен коп, Осломеј, Кичево. Исто така, Македонија стана првата земја на Западен Балкан што изгради голем објект за производство на енергија од ветер.
Проблемот е што Северна Македонија е сè уште далеку од тоа да биде таму каде што треба да биде во однос на обновливата енергија. До 2020 година, обновливата енергија требаше да учевствува со 23% во енергетскиот микс на земјата, но таа всушност падна на 18,1%. Транспортот управуван од обновлива енергија учествува со само 0,12%.
Значителен дел од обновливата енергија на Северна Македонија доаѓа од хидроенергија, што произведе вкупно 698MW во 2019 година, над 90% од целата „обновлива енергија“ произведена во земјата. Иако некои сметаат дека е обновлив извор на енергија, хидро енергијата има значителни негативни влијанија врз животната средина и околните заедници, не е економски поволна и е исто така одговорна за емисии на стакленички гасови (проверете ја нашата статија во врска со ова). Новите соларни проекти ќе имаат капацитет од 56MW, што е далеку помало учевство од она на хидроенергијата.
2. Гасот е сè уште приоритет
И покрај тоа што има ветувачки знаци кои би можеле да сигнализираат дека Северна Македонија се оддалечува од фосилните горива, се чини дека земјата не е премногу подготвена да ги промени своите планови за понатамошна употреба на фосилен гас за енергија; фосилно гориво со сериозни негативни еколошки и општествени последици. Ова вклучува инвестиција од 400 милиони евра во гасовод со Грција. Понатаму, се чини дека Енергетската заедница е за изградба на гасен интерконектор со Грција и го смета развојот на гасната инфраструктура во земјата како „многу потребна“.
3. Многу високи нивоа на емисии и загадување
Со цел да се намалат исклучително високите нивоа на емисии што се испуштаат од електраните низ Балканот, Енергетската заедница усвои Национални планови за намалување на емисиите (NERP) во 2013 година. Плановите се однесуваат на доброволни механизми што земјите можат да ги усвојат за постепено да ги намалуваат своите емисии на сулфурен диоксид (SO2), азотни оксиди (NOx) и прашина. Секоја земја-договорна страна на Енергетската заедница треба да ги задржи своите емисии под однапред поставениот плафон во 2018, 2023, 2026 и конечно во 2027 година. Северна Македонија е под границата на плафонот за NOx, но е многу над границата за прашина и SO2. Ова е многу загрижувачки особено имајќи ги во предвид опасно високите нивоа на загадување на воздухот во земјата. Иронично, но државата дури исплати 1,6 милиони евра директни субвенции во 2019 година за поддршка на производството на електрична енергија од јаглен, главниот извор на такви емисии.
4. Процедурите за стратешки оцени на влијание врз животната средина не се во согласност со стандардите
Северна Македонија не го исполни рокот за подобрување на своите стандарди за проценка на влијанието врз животната средина (ОВЖС) (Environmental Impact Assessments (EIA)). Ова се однесува на проценка на какви било потенцијални последици врз животната средина од еден проект (како што е изградба на нов рудник или хидроцентрала, на пример), план или дури и политика. Во Северна Македонија не постои контрола на квалитет на ОВЖС студиите и во истите има малку или пак воопшто нема придонес од страна на пошироката јавност. Ниското ниво на учество на јавноста за развој на нови мали хидроенергетски проекти беше конкретно споменато во извештајот како голем минус на државата.
Извештајот, исто така, го критикува процесот на стратешки оцени на влијание врз животната средина (СОВЖС) односно strategic environmental assessments (SEAs). СОВЖС се прават во случаи на дизајнирање политики, планови и програми и се наменети да обезбедат сигурност дека сите аспекти на животната средина и одржливоста се темелно разгледани пред донесување на крајните политики. Во извештајот се вели дека во процесот на креирање на Националната стратегија за енергетика на Северна Македонија, СОВЖС беше „подготвена во многу доцна фаза [од процесот] без соодветно учество на јавноста“.
Без соодветни ОВЖС и СОВЖС процедури, скоро е невозможно да се обезбеди правилен развој на кој било проект, политика или план. Ова опфаќа сè, од градење на брани, до градење на електрани (вклучително и оние што се напојуваат од обновлива енергија) и јавна инфраструктура, па сè до развој на политики за справување со проблеми како климатската криза или енергетската сиромаштија.
5. Природните живеалишта под закана
И покрај тоа што некои важни области добија покачен и заштитен статус како што се Националниот парк Шар Планина и Осогово, Emerald Sites местата во Северна Македонија (на пр. Охридско езеро и Маврово) ќе бидат истражувани од Бернската конвенција за заштита на европскиот див свет и природни живеалишта следната година поради „големиот број на поплаки“ кои биле испратени до Конвенцијата дека нивната заштита е под закана заради инфраструктурни проекти. Една огромна еколошка катастрофа што не е спомената во извештајот е драстичното опаѓање на езерото Преспа, кое бележи намалување на водостојот до 8,5 метри како резултат на климатската катастрофа и други бројни човечки фактори.
6. Отворен и дерегулиран пазар на електрична енергија
Пазарот на електрична енергија во Северна Македонија е „отворен“ и дерегулиран, состојба што ги освои пофалбите од страна на Енергетската заедница. Како продолжена рака на ЕУ, не е изненадување што Енергетската заедница смета дека слободниот пазар на енергија е нешто позитивно. „Отворен пазар“ е пазар ослободен од владина контрола, кој функционира во рамките на приватната сопственост. Европската комисија смета дека ова ја зголемува продуктивноста и ги намалува цените благодарение на воведување на конкуренција и наметнува на своите земји-членки да го сторат тоа уште од 1998 година.
Но, во 22-те години кои следуваа, произлезе дека енергетскиот сектор на ЕУ го пренасочи фокусот од обезбедување на своите корисници витална услуга, кон создавање профит, честопати на штета на самите корисници. Ова доведе до повисоки цени на енергијата, нагло зголемување на енергетската сиромаштија на целиот континент, зголемено незадоволство на корисниците, загуби на работни места и уназадување на напредокот во справувањето со климатската криза.
Сепак, Енергетската заедница (и ЕУ) продолжуваат да ги насочуваат своите земји-членки кон дерегулирање на нивните енергетски пазари, што е особено чудно со оглед на фактот дека се покажа дека земјите од Источна Европа се особено ранливи на последиците од дерегулација на пазарот.
На Енергетската заедница и беше пристапено со неколку прашања за разјаснување и повратни информации, но The Climate Herald не доби одговор.