СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Се изготвува нов закон за работни односи

Договори за вработување на определено време само во исклучителни објективни услови со траење до една година, за 38 часовна работна недела, за породилно отсуство до 12 месеци, почитување на уредувањето на платите со закон, но и со колективен договор, за целосно остварување на правото на годишен одмор и почитување на конвенциите за слобода за синдикално организирање, унапредување на колективното договарање и социјален дијалог на сите нивоа. Ова се дел од барањата за кои се залагаат синдикатите да бидат вклучени во новиот закон за работни односи.

„ Законските одредби треба да бидат усогласени со европските и светски стандарди, но и јасни и прецизни и договорени низ дијалог со цел да можат да се применуваат и почитуваат“, рече претседателот на ССМ Дарко Димовски.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска истакна дека во изминатите година и половина се разговара со овој закон и со синдикатите, но и со организациите на работодавачи за тоа какво подобрување на работничките права е потребно, а вклучени биле и академската фела и стопанските комори, иако законски тие не се дел од партнерите за социјалниот дијалог.

„Потебни се уште неколку нивоа дискусии за да се договорат големите или стратешките прашања кои овој закон ги решава, европски и усогласен со европските директиви. Кога ќе биде постигнат конечниот договор тоа ќе го соопштиме заедно со нашите партнери“, рече Царовска.

Премиерот Зоран Заев смета дека договорањето за овој закон е само уште една од активностите на Владата за унапредување на правата на работниците и подигнување на нивниот стандард.

„Капитал факторот треба да споделува повеќе профит со работниците, кои така ќе бидат попродуктивни, но и ќе враќаат со повеќе трошење, плаќање давачки кон државата, со обезбедување поквалитетн живот, а на среден и краток рок од тоа сите ќе имаат добивка. Фер распределбата за сите чинители во општеството и економијата ќе ја направи нашата земја подобро место за живеење, а и ќе ги мотивра младите да останат овде да создаваат семејства и да градат кариера“, рече Заев.

Според него, со новиот закон треба да се најдат решенија за сезонската работа, за работата од дома и домашната работа, за работа на определено време и работата од далечина, еднаквиот третман на мажите и жените, за регулација за ноќната работа, дискриминацијата, еднаква плата за работа со еднаква вредност.

Лука Винсентини, генералниот секретар на европската конфедерација на синдикати вели дека државата направила доста за работниците во зиминатиот период особено со зголемување на БДП и минималната плата, но оти тоа се уште не е доволно.

„Треба да се понудат квалитетни работни места за младите со цел тие да не ја напуштат државата, но и исто така и платите да бидат на соодветно ниво затоа што ние имаме минимална плата која е на пониско ниво отколку што изнесува потрошувачката кошничка. Исто така она што е битно е почитувањето на колективното договарање особено во приватниот сектор“, рече тој.

За почитувањето на правата на работниците треба да се води сметка при донесувањето законот за работни односи. Треба, додаде, да се задржат позитивните работи во постојниот, да се зајкне колективното договарање и социјалниот дијалог и да се земе предвид јазот со европското законодавство.

Поврзани вести

ГТЦ со загуба од 40.626.000 денари

Влатко Зорба

Во првите 7 месеци од годинава споредено со истиот период лани има намалување за 4,6 проценти на работниците во индустријата

Интензивно се работи на автопатот Кичево – Охрид со над 360 машини и преку 720 работници

Влатко Зорба