Со партерното уредување во насока на збогатување на туристичката понуда во општина Могила и Пелагонискиот регион како и регулирање на коритото на реката Црна односно нејзината притока Шемница, со финансиска поддршка на Министерството за локална самоуправа ги завршивме проектните активности во општината во насока на подобрување на условите за живот и за развој на руралниот туризам, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
– Министерството за локална самоуправа и покрај здравствената криза 2020-та година ја искористи да ги продолжи инвестициите кои ги прави преку Бирото за регионален развој. Инвестициите беа реализирани во најразлични области – животна средина, здравство, култура, туризам. Тука во Општина Могила сме сведоци на уредување на кејот со којшто се подобруваат условите за живот на овие жители и добиваат една нова содржина која може да ја користат за пешачење и рекреација, што е многу важно во овие услови на Ковид-19. Се надевам дека општината и оваа 2021-ва година ќе предложи до нас суштински проекти со кои ќе се подобрат условите општината. Апелирам да им помогаме што повеќе на нашите општини бидејќи и тие се соочуваат со економска криза и секоја помош е добредојдена, независно дали од донаторите меѓународни, но се разбира и од средствата од најразличните институции на државно ниво, појасни министерот за локална самоуправа Милевски.
Носител на проектот во рамките на Програмата за рамномерен регионален развој за 2020 година, е Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, а вкупната вредност на проектот изнесува 3.800.000 денари.
– Овој проект во континуитет се гради од 2015-та година, меѓутоа 2020та година конечно почнува да се уредува и кејот на река Шемница. Средствата се аплицирани преку Пелагонискиот плански регион а добиени преку Бирото за регионален развој и се инвестира во пешачка, бекатон патека од 1.100 метри со тринаесет канделабри и дванаесет клупи за седење. Конечно во Могила се доби еден урбан простор за рекреација наменет за сите групи на граѓани, вели градоначалничката на општина Могила, Јасмина Гулеска.
– Поради обемноста и комплексноста на проектот се работеше во четири фази изминатите четири години, на крајот оваа река Шемница веќе го доби својот конечен изглед. Сакам да напоменам дека ние тука не застануваме. Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион заедно со градоначалниците на пелагонискиот регион ги следат потребите на граѓаните и се трудиме да го подобриме квалитетот на животот во овој регион, додава директорот на Пелагониски плански регион, Гого Видимче.