Природните катастрофи, како што се земјотресите се појави кои што не може да се предвидат, но она што можеме да го предвидиме и да влијаеме е сигурноста и квалитетот на градбите, беше истакнато на денешната прес конференција на Градежната комора на Македонија во соработка со Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.
Градежната комора на Македонија, континуирано ги следи најновите трендови во областа на градежништвото, се работи со висококвалитетни градежни материјали и со големо внимание и посветеност се имплементираат во процесот на градење. Градежната комора како единствена комора на градежни компании во државата, ги обединува квалитетните компании кои учествуваа во процесот на градба, истакна Ивица Јаќимовски, претседател на Градежната комора.
„Компаниите членови работат квалитетно согласно пропишани норми и стандарди. Она што треба да внимаваат граѓаните е вклученоста на сите учесници во процесот на градење почнувајќи во делот на проектирање, надзор, изведувач и инвестирање во градежни материјали од страна на инвеститорот. Исто така, граѓаните кои планираат инвестиција потребно е да соработуваат со компаниите кои се лиценцирани, а не да купуваат од сомнителни правни лица. Апелираме дека не смее да се отстапува од квалитетно домување, со главен акцент на сигурноста, енергетската ефикасност, како и квалитетот на градежните материјали и вградената опрема. Би сакале да потенцираме дека во нашава земја, квалитетот на градбите се на високо ниво, направени согласно сите норми и стандарди за армирано бетонски конструкции“, изјави Јаќимовски и додаде дека улогата на градежниот сектор е да гради согласно најновите технологии во Европа и светот, со воспоставени норми и стандарди како за нови градби, така и за градби кои се со дотраен квалитет каде што е потребна нивна обнова и санација.
Проф. д-р Влатко Шешов, директор на Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија истакна дека земјотреси имало и ќе има, но целта е да се работи согласно стандардни прописи, за објектите да ги преживеат земјотресите.
Градежната комора на Македонија има потпишано меморандум за соработка со ИЗИИС за поврзување на науката и реалниот сектор. Вложувањето во научно – истражувачката дејност е од голема важност за развивање на конкурентска предност на деловните субјекти, се со цел да се добие поголема додадена вредност на крајниот производ на компаниите.
Секторот градежништвото има долги корени во нашата земја и она што го движи напред е следењето на најновите светски стандарди и трендови како и нивната имплементација.
Градежниот сектор е двигател на економскиот раст во секоја развиена економија и учествува дополнително за развојот на 26 стопански гранки кои се директно поврзани со градежништвото.