СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Заев: Користењето на ОИЕ и замена на јагленот со гас е еден од најважните стратешки интереси

„Користењето на обновливите извори на енергија и замена на јагленот со гас е еден од нашите најважни стратешки интереси. Во таа насока развивме сериозен енергетски стратешки план и една од точките на „Акција 21″, покрај животната средина е и енергетиката”, изјави претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев на денешната прес-конференција на тема енергетска транзиција со фокус на најголемиот енергетски капацитет во земјава, РЕК Битола.

Премиерот Заев заедно со Васко Ковачевски, претседател на Управен одбор и генерален директор на Електрани на Северна Македонија – ЕСМ и Златко Ќурчиевски, директор на Рударско-енергетскиот комбинат – РЕК Битола ги истакнаа заложбите за имплементирање на зеленото сценарио како најприфатливото за развојот на земјата, кое треба да обезбеди економски и еколошки бенефит.

Премиерот Заев истакна дека во последните три години интензивно се инвестира во гасификација на земјата, се планираат фотоволтаични централи на приватно и државно земјиште. Посочи дека целта е во наредните пет години да се влезе во инвестициски циклус кој ќе обезбеди земјата да биде позелена, но и порационална и поефикасна во енергетскиот сектор.

„Поконкретно, плановите се до 2026 година да биде заменет првиот блок од најголемиот енергетски капацитет во земјава, РЕК Битола кој работи на јаглен, со фото напонска електрана. До 2024 година РЕК Битола ќе го исклучи првиот блок кој работи на јаглен за да го замени со ко-генеративна гасна електрана со моќност од 250 мегавати за производство на електрична енергија и за топлификација на Битола.

Другите два блока ќе се модернизираат и тоа до 2023 година со темелна реконструкција на електростатските филтри, а до 2026 година со целосна десулфуризација и декарбонизација со што ќе им се продолжи векот на траење, но и ќе се подобри еколошката прифатливост и ќе се задоволат европските стандарди. Со цел да се обезбеди стабилноста на електроенергетскиот систем, целиот процес оди постепено”, изјави Заев и додаде дека целта е да ја направиме државата една од оние европски земји кои од доминантно застапените фосилни енергенси, се пренасочија кон енергетски капацитети кои ќе го користат сонцето, ветерот, водата и природниот гас.

Поврзани вести

Нова фабрика за одгледување канабис во индустриската зона Ќојлија

Берта Китинска

Бектеши за информациите на Инфомакс: Објавувањето лажни вести се казниви по Закон

Во јуни повисоки трошоците на живот и цените на мало