Откупните цени на грозјето оваа година ги усогласивме на состанок со сите винарии и таа ќе биде пониска за два денари, кои дополнително Владата ќе ги интевенира, со што стигаме интервенција од четири денари и просечна откупна цена на Вранецот од 15 денари и на Смедеревка од 13 денари, изјави денеска премиерот Зоран Заев, прашан за винарската криза и откупните цени.
– Годинава откупната цена на грозјето ќе биде за два денари пониска. Наместо 13 денари Вранец ќе биде 11, наместо 11 денари Смедеревка ќе биде девет, но затоа тие два денари дополнително Владата ќе ги интервенира. Така стигаме до четири денари интервенција и просечна откупна цена на Вранецот од 15 денари и на Смедеревка од 13 денари, изјави Заев.
Посочи дека со винариите е разговарано и е утврден пат по кој ќе се движи, уште во четвртокот пред да биде избрана владата, и најави дека утре ќе ги посети лозарите од Тиквешијата, заедно со министерот за земјоделие, каде ќе ги информира за разговараното со винариите.
– Новина е дека два денари даваме за висококласните сорти на винско грозје, ризлингот и сите други. Тие се околу десет милиони килограми и тие ќе ги помогнеме. Остана да утврдиме како да помогнеме да се продаде вишикот останат во визбите од некаде 30 милиони килограми. Развивме механизми кои ги согледавме заедно Владата и асоцијацијата на винариите, на поддршка на транспортот во делот на транспортната цена за извоз на наливно и флаширано вино, изјави Заев.
Посочи дека винаријата Тиквеш вчера или завчера објавила некои цени кои се надвор од претходно договорено.
– Ќе разговарам со господинот Свето Јаневски. Тој беше советник во кабинетот на премиерот Спасовски, еден од значајните стопанственици во државата и верувам дека ќе изнајдеме решение, затоа што среќни производители на винско грозје се добри и за државата и за винариите и компаниите, изјави Заев.
Нагласи дека годинава е специфична и мора сите заедно да направиме посебни чекори.