Во 2020 година вкупниот приход од царини, ДДВ, акцизи и други надоместоци е повисок за 4,8% во однос на планираното, рече премиерот, Зоран Заев во видео обраќање на царинските работници и на Царинската управа, преку коешто им го честиташе 14 април – Денот на Царинската управа.
“Втора година по ред нашите цариници и Царинската управа на Република Северна Македонија го одбележуваат 14 април – Денот на царината, во посебна, вонредна состојба заради мерките за спречување на ширењето на корона вирусот. Но и во такви услови, со одбележување на празникот на царинските работници им оддаваме признание за нивната посветеност и заради исклучителните и неопходни напори што ги прават, заедно со сите органи и министерства во Владата на Република Северна Македонија, за одржување на економската активност и поддршка на работењето на економските оператори во меѓународната трговија и во извозот и увозот. Во 2020 година вкупниот приход од царини, ДДВ, акцизи и други надоместоци е повисок за 4,8% во однос на планираното“, вели Заев.
Овие показатели додава тој на годишно ниво, во време кога заради пандемијата значително е намален интензитетот на економијата и трговија, со своето високо професионално и чесно работење царинските службеници и Царинската управа на Република Северна Македонија се покажа како сериозен и еден од најголемите учесници во полнењето на Буџетот на нашата земја.
Огромен дел од овие приходи Владата го врати и го пренасочи назад кон граѓаните и деловната заедница за одржливо работење, за зачувување на работните места и за животниот стандард.
Овие факти сами по себе зборуваат колку значајна е улогата на Царинската Управа во креирањето на економскиот амбиент во државата.
“Царинската управа и царинските работници се првиот контакт со нашата земја – тие се лицето на Република Северна Македонија, а цариниците се дел од најизложените наши сограѓани на заканите од вирусот. Сепак, и во вакви услови тие ги прифатија предизвиците за да се обезбеди брзо и непречено прекугранично движење на стоки, патници и транспортни средства“, вели Заев.
Додава дека Царинската Управа го прифати концептот за европско царинско работење и спроведе низа мерки за олеснување на работата на сите учесници во царинските постапки. Како резултат на посветеноста на вработените на сите нивоа остануваме лидери во дигиталното работење. Огромен дел од царинските постапки кои се реализираа на хартија сега се заменети со електронски постапки и од овој месец извозот од државата се врши целосно електронски и безхартиени.