СТАНДАРД life
Фитнес

Интервју со Коцевска: Себе-омалуважувањето е најголем непријател на нашето здравје, соочете со својата убавина и прифатете го вашето тело

За добар изглед е потребно многу малку. Можеби звучи нејасно, но според мене сите ние имаме добар изглед во секоја една форма, најбитно е да работиме на подобрување и секојдневно менување на навиките и стекнување на подобри ефекти врз нашето здравје и нашиот изглед, вели во интервју за „Стандард лајф“ Ивана Коцевска, фитнес ентузијаст.

-Никој од нас не изгледа лошо или добро, себе-омалуважувањето е најголем непријател на нашето здравје, затоа соочете со својата убавина и прифатете го вашето тело такво какво што е денес, а доколку не ви се допаѓа тој изглед работете на негова трансформација, вели таа.

Во текот на една недела вежба најмалку три, а најмногу шест пати. И ова е променливо – секогаш зависи од нејзината примарна работа, неодложни обврски, потреба од одмор на телото и слично.

-Не би можела да се согласам дека мојот изглед е совршен, но благодарам и сметам дека овој комплимент е само и единствено резултат на мојот долгогодишен труд вложен во фитнес индустријата, вели Ивана.

Не го поддржува краткорочниот пристап кон вежбањето и порача дека таквиот резултат исто како што е стекнат за брз временски период, за уште побрз ќе се изгуби.

-А како последица потполно ќе ја загубат мотивацијата за повторно започнување со физичка активност и здрав начин на исхрана, додава Коцевска.

Колку време се занимаваш со фитнес и која е мотивацијата за таа насока?

-Физичката активност е дел од мојот живот уште од најмлади години. Најпрво бев дел од светот на танците, односно професионално се занимавав со хип-хоп играње и тоа траеше до моите 18 години. Потоа се пренасочив на групни активности како кик-бокс, фитнес-бодибилдинг, кросфит, insanity и слично. Меѓутоа откако настапи короната следеше период кога започнав да градам сопствен начин на тренинзи, смислувајќи ги во комплексна комбинација на повеќе активности со кои претходно сум се занимавала.

Имено моите тренинзи се секогаш со висок интензитет, всушност станува збор за функцинални тренинзи кои опфаќаат вежби и со сопствена тежина и вежби со дополнителни тежини. Па откако отпочнав со своевиден начин на вежбање, тоа трае веќе 5 години континуирано и оттогаш вежбам секогаш сама, бидејќи сфатив дека така најмногу напредувам.

Кога станува збор за „мотивација за вежбање“ верувам дека сите оние што интензивно и долгорочно веќе се занимаваат со спортот ќе се согласат со мене дека мотивацијата е најмалку влијателниот фактор за да се опстане на теренот каде што вежбаме. Ова го говорам од причина што иако мотивацијата е значаен причинител да ја добиеме желбата и да превземе акција за да бидеме физички активни, сепак мотивацијата е еден од последните фактори што ќе не одржи на тоа тло.

Доколку јас се прашувам, мотивацијата е извор на енергија која секој од нас различно го импонира да биде предизвикан да работи на себе. Меѓутоа за да бидеме способни да го изнајдеме таквиот извор што ќе не мотивира секогаш кога ќе ни биде потребна мотивација, пред се треба да постојат другите два фактори без кои мотивацијата нема да има долгорочен ефект, а тоа се дисциплината и конзистентноста.

Ако сакаме да бидеме доследни на нешто – треба да се постави целта на нашето движење. Оттука следат дисциплината и конзистентноста како најбитни елементи за да успееме да се одржиме на патот кон целта. Дополнително треба да бидеме свесни дека мотивацијата повеќе ќе ја немаме, отколку што ќе постои. А за да бидеме способни да се мотивираме кога имаме недостаток на мотивација, мора да го исполнуваме дисциплинарниот и конзистентниот однос спрема целта, па така и ќе бидеме способни да ја вадиме мотивацијата на виделина.

Можеби прашањето беше кратко и јасно, но јас не сум во позиција да одговорам така, имајќи ја предвид комплексноста на мотивацијата со која често, да не речам секојдневно се судирам и борам. Јас отсекогаш имам недостаток на мотивација, иако изгледа дека ме преовладува, иако изгледа дека никогаш не ми фали, јас и како секој од вас барам мотивација секој ден и во секое нешто.

Многу често немам сила, немам енергија, немам желба и ме мрзи да идам на тренинг, па да се слушав себе си во секој таков момент верувам никогаш немаше да бидам тука каде што сум денес. Знаете како се мотивирам јас, јас пред се се соочувам со чувството што ќе го добијам после тренингот, затоа што колку и да сум уморна во овој момент, знам дека после тренингот ќе бидам како нов човек. После оваа мисла, размислувам на тоа колку сум способна да издржам на еден тренинг, па така си поставувам нови лимити, создавам тренинзи и ги запишувам, и тоа е еден принцип на работа што ми вели – имаш задача денес што треба да ја завршиш.

Всушност мотивацијата за мене претставува секојдневна силина што ме придвижува да растам и тоа го правам на еден инаетлив начин – водејќи борба против комфорот.

И уште нешто што е многу битно – иако сите ние имаме различен извор на мотивација, ако нешто мене ме мотивира, можеби тебе те демотивира и обратно, оттука многу е битно да знаеме што е она што не демотивира и воедно да не дозволуваме истото да ни влијае на изворот на мотивација. Дополнително не смееме никогаш да се споредуваме со другите, бидејќи секој од нас е посебен и способен на свој начин да биде најдобар во тоа што сака да го прави и го прави неуморно.

Која е тајната за твојот совршен изглед?

-Не би можела да се согласам дека мојот изглед е совршен, но благодарам и сметам дека овој комплимент е само и единствено резултат на мојот долгогодишен труд вложен во фитнес индустријата.

Ивана Коцевска
Ивана Коцевска

Како изгледа една од твоите тренинг сесии и колку пати неделно тренираш?

-Многу е интересно што моите тренинзи се секогаш без исклучок поразлични од претходните и верувам дека никогаш не сум направила еден скроз ист тренинг два пати. Во фитнесот велат дека за да имаш резултати мораш да вежбаш изолационо одредена мускулна група повторувајќи едни исти вежби за да се поттикне видлива мускулна форма. Меѓутоа за тоа не сум јас и никогаш нема да можам така да вежбам.

Принципот на моите тренинзи што всушност самата си го создадов е она што ме прави исполнета, тоа е тренингот што мене ми треба – без оглед како и дали ќе ми се формираат мускулите, бидејќи после одреден период вежбаш за да си ја исполниш душата, а не за да градиш физикус – физикусот посекако си доаѓа со долгорочниот напор и вежбање. Од овие причини најбитно е да го изнајдете оној начин начин на вежбање што вам потполно ќе ви прија и ќе го сакате.

Во текот на една недела вежбам најмалку три пати, а најмногу шест пати. И ова е променливо – секогаш зависи од мојата примарна работа, неодложни обврски, потреба од одмор на телото и слично.

Според тебе, колку е важна исхраната за фитнес резултати?

-Доколку сакаме резултати исхраната е дефинитивно на прво место.

Здравиот начин на исхрана е најбитен фактор за нас вежбачите, ние впрочем не држиме диети, туку едноставно имаме стекнато навика на здрави оброци.

И доколку сакаме да постигнеме резултати – никогаш не претпочитам да ги поддржам краткорочните цели за постигнување на истото. Брзите диети и рестрикции се мојот најголем непријател, тие ме научија дека добиениот резултат моментално те задоволува, а отпосле те гони со јојо ефект. Секако дека тој што никогаш претходно не бил навикнат на здрав начин на исхрана, дека веднаш после постигнување на задоволителен резултат ќе се врати на старото и целиот краткорочен труд ќе му падне во вода.

Затоа претпочитајте постепено менување на навиките, замена на лошите со подобри, балансирање со рестрикции и повремено засладување со забранетото.

Кои суплементи се неопходни за одржување на рамнотежата на телото за време на трансформацијата на телото?

-Видете за постигнување резултати не се неопходни суплементите. Сите потребни микро,макронутриенти,витамини и минерали потребни на нашето тело можеме да ги внесеме и преку исхраната и повторно да добиеме позитивен и задоволителен резултат.

Од спектарот на суплементи најповеќе сум се задржала на протеинот и не заради тоа што недоволно го внесувам преку исхраната – како што секој тоа го прави, кај мене протеинот бил секогаш замена за благо 😀 , доколку ме познаваш знаеш дека сум зависна од благото, па протеинските прашоци со вкусови на ванили и јагоди ми биле секогаш најверни десерти.

А ако се прашувам да ги одвојам најефективните суплементи коишто дополнително би ни помогнале во процесот на трансформација на телото, тоа би бил секако прво протеинот, а потоа и креатинот. И секако секојдневна конзумација на витамини и минерали – ц витамин, д витамин, магнезиум, калциум, цинк и сл.

За оние кои што сакаат да ја намалат својата тежина во брз временски период, што би им препорачала?

-Не го поддржувам краткорочниот пристап кон вежбањето и тука би им кажала само едно а тоа е дека таквиот резултат исто како што го стекнале за брз временски период, за уште побрз ќе го изгубат, а како последица потполно ќе ја загубат мотивацијата за повторно започнување со физичка активност и здрав начин на исхрана.

И за крај може ли да ни дадеш неколку совети за добар изглед?

-За добар изглед е потребно многу малку. Можеби звучи нејасно, но според мене сите ние имаме добар изглед во секоја една форма, најбитно е да работиме на подобрување и секојдневно менување на навиките и стекнување на подобри ефекти врз нашето здравје и нашиот изглед.

Никој од нас не изгледа лошо или добро, себе-омалуважувањето е најголем непријател на нашето здравје, затоа соочете со својата убавина и прифатете го вашето тело такво какво што е денес, а доколку не ви се допаѓа тој изглед работете на негова трансформација, но никогаш не дозволувајте да не се сакате, секое тело има своја убавина и можеби мојата „совршеност“ за вас не е добар изглед, но за мене е секогаш еден чекор пред подобар од денешниот.

Р.Т.

Поврзани вести

Што се случува со телото кога ќе надминете 10.000 чекори дневно?

Urednik

Фитнес тренерка тврди дека оваа храна ги намалува салото на стомакот и надуеноста

Radmila Tasevska

5 совети за исхрана кои ќе ви помогнат побрзо да ги видите резултатите од тренингот

Urednik