СТАНДАРД life
Храна

Емпанади со пилешко: Мексикански „школки“ кои можете да ги јадете во секое време

Слатки, солени, со разни сосови, зачини и послужени како што сакате – емпанади, емпандита или пастилјо. Оваа лушпа од тесто исполнета со разни чуда, иако ја прослави мексиканската кујна, всушност е шпански специјалитет уште од средниот век.

Традиционалното тесто се подготвува од брашно, путер или маст и малку сол, а рабовите на перничињата кои по печењето ќе станат опасно крцкави, добро се затвораат и по желба се украсуваат со разни дезени.

Формата во која едвај чекаме да ги видиме денес послужени во чинија, ја добија емпанадите откако беа усвоени од мексиканската кујна, во која филовите беа прилагодени на локалниот вкус.

Состојките за полнење се разликуваа во зависност од регионот – во крајбрежните делови на земјата можете да најдете и емпанади со морска храна, додека во внатрешноста се претпочита пилешко или говедско месо. Иако се особено популарно јадење во кое ужива целото семејство собрано околу масата за време на празниците или кога се работи за прослави на кои свират маријачи, во Мексико никој нема да протестира доколку секој ден на масата се служат емпанади.

СОСТОЈКИ:

ЗА ТЕСТО:

* 350 гр обично брашно
* ½ лажичка сол
* лажичка шеќер
* 180 ml вода
* 100 гр путер

ЗА ФИЛОТ:

* 2 лажици растително масло
* 2 помали кромиди
* 3 чешниња лук
* 450 гр варени и сечкани пилешки гради
* една лажичка мелен црвен пипер
* една лажичка мелен ким
* една лажичка сол
* ½ лажичка свежо мелен црн пипер
* 100 ml вода
* јајце

ПОДГОТОВКА:

За да го подготвите тестото, просејте го брашното во длабок сад и додадете сол и шеќер. Растопете го путерот и почекајте малку да се излади, па додајте го во смесата. Постепено додавајте вода и месете со рака додека не добиете мазно тесто. Завиткајте го тестото во фолија и ставете го во фрижидер половина час.

Исечете го кромидот и додадете растително масло во тавата и, повремено мешајќи, пропржете го кромидот 15 до 20 минути на средна температура додека не добие златно-кафеава боја и малку да се карамелизира. Додадете ситно сечкан лук во пржениот кромид и пропржете сè заедно уште околу една минута додека нежно мешате.

Потоа во тавата додајте го претходно сварено и исечкано пилешко, посолете и зачинете сè заедно со црвен пипер, ким и црн пипер. Откако ќе ја додадете водата, оставете ја смесата да зоврие и потоа варете се додека не испари водата, приближно 20 до 30 минути. Откако смесата за полнење емпанада е готова, тргнете ја на страна и почекајте да се излади.

На набрашнета површина развлечете го тестото на дебелина од околу половина сантиметар. Од развлеченото тесто исечете кругови со дијаметар од 10 до 15 сантиметри, во зависност од тоа дали сакате помали или поголеми емпанади. Во центарот на секој круг ставете околу 2 лажици од изладената пилешка смеса. Рабовите на тестото лесно премачкајте ги со изматено јајце, преклопете го тестото преку филот и притиснете ги рабовите за да го затворите перничето кое изгледа како мала полумесечина. Притиснете ги рабовите на полумесечините со врвот на вилушката за да спречите течење на филот за време на готвењето.

Ставете хартија за печење на плех и загрејте ја рерната на 180 °C. На листот, емпанадите ставете ги на растојание од околу 3 см. Премачкајте ги со изматено јајце и печете ги додека не поруменат, приближно 20 до 25 минути.

Послужете ги со салса или кој било друг омилен сос и уживајте во вашата вкусна мексиканска гозба.

На здравје!

Поврзани вести

Омилената салата на Камерон Дијаз: Совршено летно јадење

Urednik

Протеински пудинг

Urednik

Хит коктел ова лето е Malibu Barbie Pink: Изгледа прекрасно, а има уште поубав вкус

Urednik