Претседателот на САД, Џо Бајден, во понеделникот потпиша извршна уредба со која се воведуваат построги правила на владината политика „купи американско“ и најави замена на возниот парк на државата со електрични возила произведени во Соединетите држави.
„Ќе ги искористиме парите на даночните обврзници за да ја изградиме Америка. Ќе купуваме американски производи и ќе поддржуваме американски работни места“, изјави Бајден пред новинарите, истакнувајќи ја потребата од силни синдикати.
Новите правила ќе ги опфаќаат сите набавки на владата на САД, а секоја федерална агенција што планира да купи странски производи ќе мора да побара специјално одобрување од Белата куќа и да го објави јавно, истакна Бајден, пренесе Хина.
Таквите одобрувања ќе бидат достапни само во ограничен број случаи, на пример во поголема потреба за национална безбедност или во случај на итна потреба поради вонредна состојба.
Администрацијата на Бајден ќе назначи во владината канцеларија за администрација и буџет и директор да ја надгледува набавката на производи во САД.
И покрај претходната реторика на администрацијата за ставање на „Америка на прво место“, бројот на договори на федералната влада со странски компании е зголемен за 30 проценти под поранешниот претседател Доналд Трамп, изјави Бајден пред новинарите.
Бајден во понеделникот, како дел од транзицијата кон чиста енергија, вети дека ќе замени околу 650.000 владини возила со електрични возила произведени во САД.
„Сојузната влада поседува и огромна флота, која ќе ја замениме со чисти електрични возила што ќе ги произведуваат американски работници овде во Америка“, рече тој.
Бајден ги критикуваше постојните правила кои дозволуваат возилата во набавките на американската влада да се сметаат за американски, иако тие имаат значителен удел на увезени делови.
Тој најави дека ќе ги затвори „дупките“ што овозможуваат клучните делови на возила што се сметаат за американски производ, како што се мотори, челик и стакло, да се произведуваат во странство.
Белата куќа досега не одговори на барање во кој период Бајден има намера да ги замени сегашните возила. Таквата замена на возниот парк може да чини 20 милијарди долари или повеќе.
Извршната наредба на Бајден „купи американско“, што тој ја потпиша во понеделникот, не бара набавка на електрични возила.
Според податоците за 2019 година, американската влада поседувала 645.000 возила кои потрошиле нешто повеќе од една милијарда и 400 милиони литри бензин и дизел гориво, според генералната администрација на владата (ГСА), а во 2019 година владата на тие возила потрошила 4,4 милијарди долари.
Меѓу возилата во сопственост на владата, само 3.215 се електрични, соопшти ГСА.
Во предизборната кампања, Бајден вети дека неговата влада ќе купи чисти возила за потребите на федералните и државните органи, поштенските и другите јавни служби.
Тој исто така вети дека ќе создаде нови милиони работни места во „американската автомобилска индустрија, трговија со автомобилски делови и автомобилска инфраструктура, од производство на материјали и делови до електрични станици за електрични возила.