Светските цени на храната продолжија да растат седми месец по ред во декември 2020 година, со пораст на цената на сите клучни категории храна, освен шеќерот, соопшти денеска Агенцијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Индексот на ФАО, кој ги мери месечните промени на цените во корпата за основни прехранбени производи, која се состои од житни култури, маслодајни растенија, млечни производи, месо и шеќер, минатиот месец во просек изнесуваше 107,5 поени во споредба со 105,2 поени во ноември, пренесува Ројтерс.
Податоците за ноември беа ревидирани нагоре од првичните проценети 105 поени.
На ниво на цела 2020 година, референтниот индекс на ФАО во просек изнесуваше 97,7 поени, што е тригодишен максимум и раст од 3,1 процент во споредба со претходната година, но сепак е за над 25 проценти понизок од историскиот рекорд забележан во 2011 година.
Цените на растителните масла продолжија нагло да растат во декември, скокајќи за 4,7 проценти на месечно ниво, откако во ноември пораснаа за повеќе од 14 проценти.
Во текот на изминатата година, цените на растителното масло се зголемија за 19,1 проценти на годишно ниво, водено од намалената понуда на палмино масло од земјите производители и наглото зголемување на извозните давачки во Индонезија.
Житарките се зголемија за 1,1 процент на месечно ниво во декември, како резултат на зголемувањето на извозните цени на пченицата, пченката и оризот поради лошите изгледи на родот во Северна и Јужна Америка и Руската Федерација. Во текот на 2020 година, цените на житото пораснаа за 6,6 проценти.
Цените на млекото и млечните производи исто така се зголемија во последниот месец од минатата година за 3,2 проценти во споредба со ноември, додека на ниво на цела година тие беа за околу 1,0 проценти пониски отколку во 2019 година. Декемвриското зголемување на млекото и млечните производи беше водено од силното увоз на глобална побарувачка, како и домашна побарувачка во Западна Европа.
Месото беше поскапо за 1,7 проценти во декември во споредба со ноември, но на ниво на цела 2020 година, во просек беше поевтино за 4,5 проценти од претходната година. Месото од живина најмногу се искачи во декември поради избувнувањето на птичјиот грип во Европа, додека цените на свинското месо малку се лизнаа поради прекинот на германскиот извоз во Азија по избувнувањето на африканската свинска чума.
Конечно, цените на шеќерот останаа стабилни во декември, откако пораснаа за 3,3 проценти во ноември, предизвикани од влошувањето на изгледите за шеќерна репка и трска во ЕУ, Русија и Тајланд поради лошите временски услови. Во 2020 година, шеќерот порасна во просек за 1,1 процент во споредба со претходната година.