СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

ЕУ ќе ги рангира авиокомпаниите според нивото на загадување на животната средина

Европската унија планира да создаде нов систем за рангирање на авиони и летови според количината на јаглерод диоксид што тие го испуштаат, објави германскиот неделник Велт ам Зонтаг. Според весникот, Европската агенција за безбедност на воздухопловството (ЕАСА) објави тендер за развој на систем за класификација.

Проектот има за цел „да обезбеди сигурна, споредлива и проверена информација“ на клиентите за да им помогне да донесуваат одржливи одлуки, додека деталите за таканаречениот еко-печат би биле утврдени до крајот на 2022 година, пренесува Гардијан, повикувајќи се на Ројтерс, кој имал увид во документот. Медиумите објавија дека ЕАСА не била веднаш достапна за коментар.

Дури и пред избувнувањето на пандемијата на коронавирус, која силно го погоди бизнисот на авиокомпаниите, деловните патувања беа под притисок бидејќи корпоративните клиенти стануваат сè попретпазливи во однос на целите на животната средина и одржливоста. ЕУ планира да потроши 550 милијарди евра од буџетот 2021-2027 за климатски трошоци, додека за исполнување на целите на климата во Европа и требаат околу 2.400 милијарди евра.

Кога станува збор за авиокомпаниите, според податоците од извештајот на лондонската школа за економија, „EasyJet“ се истакнал како најнапреден во однос на намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид. Нивниот успех може делумно да се припише на новата флота авиони и дополнителните напори да се пополнат сите места на секој лет, пренесува британскиот портал Country Living.

Меѓу компаниите што не направија толку многу за да ги намалат емисиите на нивните авиони, се Air China, China Southern, Korean Air, Singapore Airlines и Turkish Airlines. Во „златната средина“ се германски Lufthansa и чилеанскиот LATAM. Извештајот опфати 17 авиокомпании и ги спореди нивните емисии на јаглерод диоксид од 2017 до 2020 година и ги рангираше според напредокот.

Пред пандемијата, воздухопловната индустрија постави амбициозни цели за намалување на емисиите на стакленички гасови. Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА) дефинираше клучен фактор за подобрување на ефикасноста што придонесе за ублажување на загадувањето на авионите во текот на изминатата деценија, што претставува просечно подобрување на ефикасноста на горивото од 1,5 проценти годишно,

ИАТА, исто така, обезбеди насоки за исполнување на целите за ограничување на нето емисиите на јаглерод диоксид од авијацијата од 2020 година и намалување на нето емисиите на јаглерод диоксид од авијацијата за 50 проценти до 2050 година во споредба со 2005 година.

За да се постигнат овие цели, треба да се подобри технологијата, вклучително и употреба на одржливи горива со ниска содржина на јаглерод, поефикасно работење на авиони, подобрена инфраструктура преку модернизација на системите за управување со воздушниот сообраќај и глобализација на пазарот, како и потенцијална електрична револуција најавена од водечките производители на авиони.

Поврзани вести

Еуростандард банка трајно исклучена од берза

msp-admin

Еуроникел Индустри за Општата болница во Кавадарци донираше пет медицински апарати

Берта Китинска

„Фолксваген“ ќе инвестира 15 милијарди евра за електрични возила во Кина

msp-admin