Кинеската компанија „Huawei“ објави дека одлучила да го продаде брендот телефони „Honor“, бидејќи во изминатиот период тој дел од нејзиниот бизнис бил под огромен притисок и не можел да обезбеди редовна достапност на техничките елементи потребни за работа со мобилни уреди.
Брендот „Honor“ ќе биде продаден на кинеската компанија Shenzhen Zhixin New Information, што ќе помогне, како што е наведено во соопштението, со нејзините канали за продажба и набавки „да преживеат во овој тежок период“.
Откако ќе заврши продажбата, „Huawei“ нема да биде сопственик на акциите или на кој било начин вклучен во управувањето или донесувањето одлуки на новиот сопственик на брендот „Honor“.
Продажбата на „Honor“ ја предложија повеќе од 30 агенти и дистрибутери на таа марка, се наведува во соопштението.
Брендот постои веќе седум години и годишно испорачува повеќе од 70 милиони телефони во ниската и средна ценовна категорија.
„Се надеваме дека новата компанија „Honor“ ќе продолжи со честниот однос кон своите акционери, партнери и вработени. Сакаме да видиме дека „Honor“ продолжува да создава вредност за своите потрошувачи и да гради нов интелигентен свет за младите“, се вели во соопштението.
Huawei претрпе големи загуби поради санкциите што ги блокираат компаниите да пристапуваат до американските компоненти на паметните уреди.
Соединетите држави наведуваат дека компанијата претставува закана за националната безбедност, бидејќи наводно, постои можност за шпионирање за кинеската влада, што „Huawei“ го негираше.