Трговските центри се големи објекти коишто на едно место собираат различни светски брендови, нудат облека, обувки, храна, апарати за домаќинство… цел куп на производи што се (не)потребни за секој од нас. Нивниот концепт се базира на потребите на семејствата, прилагодувајќи се на нивните преференции.
Но, денес светот е сведок за празни трговски центри поради страв од ширење на зараза предизвикана од коронавирусот. Имајќи предвид дека се работи за затворен простор, што подразбира поголема циркулација на луѓе на исто место во исто време, ќе биде предизвик луѓето да се вратат на голема врата во шопинг центрите.
Она што е важно за сите трговци е прилагодување кон условите што владеат на пазарот, па оние кои имаат можност се префрлаат на онлајн продажба, други чекаат да помине пандемијата за да се вратат на старите патеки.
Иако светот полека се враќа во нормала, властите почнуваат да ги разлабавуваат мерките, сепак останува стравот од многу луѓе во затворен простор. Веќе сме сведоци дека потрошувачите ги менуваат своите навики, стануваат попретпазливи, повеќе купуваат преку интернет, но оние кои се вистински вљубеници во долгото “талкање“ покрај осветлените и убаво уредени излози, длабоко во себе се надеваат дека ова е само лош сон.
До кога ќе трае пандемијата никој со сигурност не може да тврди, но јасно е дека трговците ги чувствуваат економските последици што зад себе ги остави овој вирус и неговото брзо ширење.