Покрај забрзувањето на економската активност во Кина, со што практично ги надмина САД, минатата година оваа земја ја прескокна Америка и во друга област и стана земја што доби најмногу странски директни инвестиции (СДИ).
Минатата година беа инвестирани 163 милијарди долари во Кина, додека САД мораа да се задоволат со инвестиции од 134 милијарди долари, покажуваат податоците на УНКТАД објавени во неделата.
Заради споредба, во 2019 година, САД добија 251 милијарди долари инвестиции, а Кина 140 милијарди долари, пренесува Seebiz.
Генерално, извештајот открива дека странските директни инвестиции опаѓаат на глобално ниво поради пандемијата на коронавирусот.
Директните странски инвестиции паднаа за 42 проценти во 2020 година, на 859 милијарди долари, што е пад од дури 30 проценти под нивото од финансиската криза во 2009 година.
Минатата година развиените земји беа погодени повеќе од таканаречените земји во развој. Инвестициите во САД паднаа за 49 проценти, нешто помалку од просекот на развиените земји од 69 проценти.
Директните странски инвестиции во земјите во развој паднаа за релативно умерени 12 проценти.