Технолошкиот гигант Microsoft најави планови за изградба на три центри за чување на податоци во Атина. Ова ќе обезбеди инвестиции до една милијарда долари во грчката економија, којашто е парализирана од пандемијата.
Веста денеска ја објави грчки премиер Кирјакос Мицотакис по девет месеци доверливи преговори за договорот, којшто вклучува и програми за дигитална обука за околу 100.000 работници во државниот и приватниот сектор, како и обука на воспитувачи и студенти, пренесува Associated Press.
“Оваа значајна инвестиција е одраз на нашата доверба во грчката економија, грчкиот народ и владата. Не е нешто што го правиме често и лесно пристапуваме“, рече претседателот на Microsoft, Бред Смит.
Грчката економија, која неодамна излезе од повеќегодишна финансиска криза, беше сериозно погодена од пандемијата од Ковид-19 и претрпе пад од 15,2% во вториот квартал од оваа година. Стапката на невработеност се искачи на 18,3% на крајот на јуни од 16,4% на почетокот на годината.
Microsoft во моментов има центри за податоци во 26 земји, вклучително и седум во Европската унија. Официјални лица на компанијата изјавија дека рокот за изградба на центри за податоци во Грција сè уште се разработува и дека процесот во другите земји обично трае околу две години.