Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја зголеми прогнозата за глобален раст за 2021 година за 0,3 процентни поени, на 5,5 проценти. Ова го објави денес Гита Гопинат, главниот економист на ММФ, на презентацијата на последното, јануарско издание на извештајот „Светски економски изгледи за 2021“.
Таа посочи дека проекцијата за годинешниот раст на светскиот бруто домашен производ е подигната во однос на октомвриската прогноза заради очекуваното зголемување на деловната активност подоцна во текот на годината, по вакцинацијата против Ковид-19 и поради дополнителните пакети за поддршка за деловните субјекти и граѓаните во неколку големи економии.
Во исто време, ММФ, според неа, ја намали проценката на глобалниот пад од минатата година за 0,9 процентни поени, на 3,5 проценти.
За 2022 година предвидува дека светската економија ќе порасне за 4,2 проценти.
Гопинат посочува дека се предвидува значителна разлика во динамиката на закрепнување меѓу земјите, во зависност од пристапот до медицински ресурси, ефективноста на мерките за поддршка, изложеноста на прекугранично прелевање и структурните карактеристики што ја сочинуваат кризата.
Политичките акции треба да обезбедат ефективна поддршка на економиите се додека не започне солидно закрепнување, со акцент на унапредување на клучните императиви – зголемување на потенцијалното производство, обезбедување на партиципативен раст што им користи на сите и забрзување на транзицијата кон помала зависност од јаглерод, рече Фондот.
Додава дека е потребна силна мултилатерална соработка за да се стави пандемијата под контрола насекаде, а тие напори вклучуваат зајакнување на финансирањето на механизмот Ковакс за забрзување на достапноста на вакцините во сите земји, преку обезбедување универзална дистрибуција на вакцините по пристапни цени за сите.
Според проекциите на Фондот, развиените економии годинава ќе растат за 4,3 проценти, а следната за 3,1 проценти, додека пазарите во развој очекуваат раст од 6,3 проценти оваа година и 5,0 проценти следната година.
Еврозоната се предвидува да порасне за 4,2 проценти оваа година и 3,6 проценти следната година, при што Германија, најголемата економија во Европа, ќе доживее економска експанзија од 3,5 и 3,1 процент во 2021 и 2022 година.
Франција, според ММФ, очекува раст од 5,5 проценти оваа година и 4,1 процент следната година.
Убедливо најголемиот скок на БДП оваа година ќе дојде од Кина, 8,1 процент, додека следната година ќе се намали на 5,6 проценти. Во исто време, Фондот проценува дека минатата година, втората по големина економија во светот е единствената што забележа раст на БДП од 2,3 проценти.
Економијата на САД, според ММФ, ќе има раст од 5,1 процент во 2021 година и 2,5 проценти следната година, додека се предвидува Велика Британија да го зголеми БДП за 4,5 проценти оваа година и за 5,0 проценти во 2022 година.