Акционерите на американската компанија за накит „Тифани“ ја потврдија најавената продажба на компанијата на францускиот конгломерат LVMH, договорена пред една година.
Тоа се случи по неколкумесечна стагнација, најава за тужби и борба на суд, па дури и политички интервенции, пренесе „Спутник“.
На виртуелното собрание на легендарната американска компанија за накит, повеќе од 99 проценти од капиталот ја поддржа најавената продажба на компанијата на францускиот конгломерат LVMH пред една година.
Преземањето беше искомплицирано во пролетта кога избувна пандемијата Ковид-19, поради што потрошувачката на луксузни добра, вклучително и накит, драстично опадна. Тогаш LVMH предложи продолжување на преговорите за цената на секоја акција, тврдејќи дека продажбата на „Тифани“ паднала толку многу што тој не можел повеќе да плаќа за неа колку што планирал пред пандемијата.
Компанијата „Тифани“ реагираше на тоа со негодување, а од LVMH и нејзиниот претседател Бернард Арно, инаку најбогатиот Французин, беа силно замолени да го почитуваат првичниот договор, бидејќи во спротивно ќе следи борба на суд.
По неколкумесечен ќор-сокак, со инсистирање на секоја страна и политика неформално вклучена во преговори (LVMH рече дека француските власти се „виновни“ за доцнењето во постигнувањето договор), двете компании попуштија малку: LVMH понуди помалку по акција отколку првично, но не толку помалку отколку што планираше пролетта.
Сега, наместо 135 долари за акција, што беше цената во најавата за преземање, тие за тоа ќе платат 131,5 долари. Тоа значи дека ќе издвои 15,8 милијарди долари за целата компанија, што е околу половина милијарда помалку од првично планираното.
Продажбата се очекува да заврши во првите месеци од годинава.