Градскиот совет на Париз ја усвои повелбата за мобилни телефони. Документот беше издаден по голема консултација со граѓаните, која беше спроведена есента минатата година.
Според градоначалничката на Париз, Ана Идалго, нејзиниот град е прв во Франција што воведе регулаторна рамка за комерцијална употреба на 5G. Таа се пофали на Фејсбук и дека се работи за најзаштитничка регулатива во Европа.
Рамката усвоена на седницата на локалниот парламент, во следните неколку недели ќе овозможи комерцијално лансирање на 5G во главниот град на Франција. Се заснова на заклучоците на граѓанската конференција за 5G, што се одржа минатата година и за која се договорија мобилните оператори кон крајот на февруари.
Рамката предвидува ограничување на изложеноста на бранови, информации и транспарентност при инсталирањето на антени, следење на влијанието врз животната средина, а ќе биде поставен и независен механизам за контрола. Операторите на тој начин се обврзуваат на:
• Оптимизирање на рециклирањето и повторната употреба на телефонската опрема;
• Придонес кон почитувањето на Парискиот договор и Климатскиот план на градот Париз;
• Олеснување на пристапот за сите до телефонските услуги и дигиталното вклучување;
• Заштита на личните податоци и јавни слободи;
• Информирањето на граѓаните.
Париз повторно го потврди своето спротивставување на експериментите за препознавање на лица во јавни простори.
Конечно, за да се обезбеди почитување на Повелбата и нејзино прилагодување кон новата реалност, спроведувањето ќе биде контролирано од идната опсерваторија за мобилни телефони. Ќе се состои од избрани функционери од сите политички групи во Градскиот совет на Париз, претставници на четирите мобилни оператори, здруженија на потрошувачи и станари, здруженија за заштита на животната средина, национални и регионални агенции, како и двајца научници и двајца поединци, кои учествуваа во наведените граѓански конференции.
„Отсекогаш сум гарантирала дека употребата на новите технологии, неопходни во нашиот секојдневен живот, се спроведува со почитување на еколошките, социјални и етичките вредности. Среќна сум што оваа повелба е дел од визијата за напредок“, заклучи Идалго во објава на Фејсбук.