Платформата за плаќање PayPal објави дека го блокирала пристапот до страницата за јавно финансирање GiveSendGo затоа што преку не се собирале средства за организации вклучени во упадот во американскиот Конгрес во Вашингтон, пренесе „Ројтерс“.
Од PayPal Holdings потврдија дека ја затвориле и сметката на Али Александар, кој е еден од организаторите на немирите.
Водечките социјални мрежи и мрежните платформи се оградија од постапките на приврзаниците на американскиот претседател Доналд Трамп, кои предизвикаа немири во американскиот главен град минатата недела.
Сметките на Трамп на Твитер и Фејсбук, исто така, беа блокирани.
Твитер соопшти дека суспендирал повеќе од 70.000 сметки поврзани со движењето заговор QAnon.
Во исто време, некои од водечките американски компании, вклучувајќи ги AT&T Inc, American Express и Dow Inc, најавија дека ќе престанат да одвојуваат средства за кампањите на политичарите кои повикуваат на преглед на резултатите од претседателските избори.
Упадот во Капитол го предизвикаа приврзаниците на Трамп, кои се обидоа да го спречат гласањето на Конгресот, кој ја потврдуваше победата на Џо Бајден. Самиот Трамп првично ги охрабруваше постапките на неговите приврзаници, но подоцна ги осуди актите на насилство и штетите нанесени од демонстрантите.
Минатата недела PayPal блокираше и сметки на друга организација поврзана со приврзаници на Трамп – Joy In Liberty. Таа собра средства за патување на неговите приврзаници кон Вашингтон.
Претставниците на GiveSendGo досега официјално не коментираа за блокирањето на нивните сметки во PayPal. Организацијата се дефинира како христијанска и како „место за финансирање надеж“.