Планот за поттик на Европската унија за економско закрепнување од последиците од корона-кризата наиде на пречка, бидејќи пред германскиот Уставен суд беше покренато прашањето за уставноста на заедничкото преземање на долгот на блокот од 27 члена.
Земјите-членки на ЕУ во јули минатата година се согласија да издаваат заеднички обврзници на меѓународните финансиски пазари преку Европската комисија, со цел да соберат 750 милијарди евра (883 милијарди долари) за да се ублажат негативните ефекти од пандемијата на вирусот врз националните економии, пренесе CNBC.
Иако земјите на ЕУ носат многу политички одлуки заедно, секоја земја има целосна контрола над своите фискални аранжмани. Прифаќањето на заедничкиот долг се покажа контроверзно за фискално поконзервативните земји на блокот, кои стравуваат дека тоа ќе резултира со поголем товар на нивните даночни обврзници.
Невладина организација во Германија, Алијансата на волјата на граѓаните, поднесе жалба до Уставниот суд на земјата, во која се наведува дека европските договори не дозволуваат заедничко задолжување.
Привремена забрана на законот
Како резултат на тоа, германскиот суд во петокот запре закон со кој ќе се отвори патот на Европската комисија да влезе на пазарот на долгови и да собере средства за Фондот за наплата.
Германските судии изјавија дека мора да донесат превентивна одлука за привремена забрана на законот.
„Свесни сме дека Фондот за наплата е политички проект за кој веќе е одлучено. Сепак, имајќи ги предвид значителните ризици, федералната влада треба да осигури дека позајмувањето на ниво на ЕУ и заобиколување на фискалните правила не стане трајно решение“, се вели во соопштението на Уставниот суд.
Одлуката на германскиот суд дојде и покрај фактот дека минатата недела 478 од 645 членови на германскиот парламент дадоа „зелено светло“ за ратификација на заедничкиот закон за долгови на ЕУ.
„Облак на несигурност“
Американската телевизиска станица потсетува и дека ЕК не може да бара средства на финансиските пазари пред сите земји-членки да го усвојат релевантниот закон за ваквиот потег.
Дури 22 од 27 земји-членки на ЕУ досега го усвоија законот или треба да го завршат процесот следниот месец.
Австрија, Полска, Унгарија и Холандија сè уште не потврдија кога нивните парламенти ќе гласаат за споменатиот закон, а „облак на несигурност“ по ова прашање сега надвиснува над Германија, пренесе CNBC.
„Ако ова прашање не се реши брзо и одлуката на Уставниот суд не е во согласност со законот претходно одобрен од двата дома на германскиот парламент со големо мнозинство, плаќањата од фондот може да бидат одложени или дури и загрозени“, напиша во коментар Холгер Шмидинг, главен европски економист на Банката Беренберг во Хамбург.