Швајцарската компанија „Zurich Insurance“ за Спутник потврди дека се повлекува од проектот „Северен тек 2“, додека германскиот весник „Билд“ објави дека и германската компанија „Bilfinger SE“ се откажала од тој проект.
„Компанијата „Zurich Insurance“ дава приоритет на почитување на економските санкции, меѓу другото, и американскиот закон. Тесно соработувајќи со Стејт департментот на САД, разговаравме за санкциите против „Северен тек 2“ и го укинавме нашето осигурување, кое е предмет на санкции во согласност со Законот за национална одбрана за 2021 година, што беше усвоен во јануари“, се вели во соопштението на швајцарската компанија.
Во исто време, „Билд“ пишува дека германската компанија „Bilfinger SE“ се откажала од проектот поради страв од американски санкции.
Компанијата со две писма ги известила Соединетите држави дека ќе ги почитува одредбите од Законот за заштита на европската енергетска безбедност и дека ќе се откаже од сите партнерства и договори со компанијата „Северен тек 2“, пишува „Билд“, повикувајќи се на документите на компанијата.
Во писмото, што германската компанија им го испрати на американските власти пред една недела, се вели дека компанијата е предупредена да се повлече од проектот пред католичкиот Божиќ. Според германскиот весник, руската страна не одговорила на објавата и компанијата „Bilfinger SE“ сега се плаши од тужба.
Претходно, САД воведоа санкции за бродот „Фортуна“, кој учествува во изградбата на гасоводот, како и за сопственикот на бродот, компанијата „KVT-RUS“, соопшти Министерството за финансии на САД.
Проектот „Северен тек 2“ подразбира изградба на два краци на гасоводот, чијшто вкупен капацитет ќе изнесува 55 милијарди кубни метри гас годишно, од брегот на Русија, преку Балтичкото Море, до Германија. Бројни европски компании учествуваат во изградбата на гасоводот.