Создавање на платформа за заедничко делување со особен акцент на воспоставување на квалитетен социјален дијалог, е една од целите на Договорот кој денес го потпишаа Туристичко угостителската комора при Сојуз на стопански комори на Македонија и СУТКОЗ-Синдикатот на работниците од угостителството и туризмот при Сојуз на синдикати на Македонија. Договорот го потпишаа, потпретседателот на ТУК, Мартин Ангеловски и потпретседателот на СУТКОЗ, Саше Бајчевски.
Потпретседателот на ТУК, Ангеловски рече дека целите на заедничката соработка се јасно прецизирани во насока на продлабочување на взаемните заложби за унапредување на состојбите во секторите туризам и угостителство.
„Заедно ќе делуваме за имплементација на практики за изнаоѓање на квалитетни решенија, градење на социјална кохезија и владеење на правото. Она што е од особен интерес е и размена на искуства и најдобри практики, како и учество во настани и активности од заеднички интерес.
Посветено ќе делуваме во насока на сузбивање на сивата економија во секторот и почитување на Законите кои ја регулираат областа. Она што е од голема важност за квалитет на услугите е институционално делување со заеднички проекти за подигнување на стандардите на пазарот на труд. Во моменталните услови на здравствено економска криза, од која особено се погодени туризамот и угостителство, единствено со заедничка конструктивна соработка со сите релевантни чинители од областа ќе можеме да ги надминеме бројните предизвици со кои сме соочени“, изјави Ангеловски и додаде дека неопходна е поддршката од надлежните институции, слух за потребите на реалниот сектор и вработените, за справување со сегашните и идните предизвиците.
Регионалниот претседател за туризам и угостителство, Охрид при СУТКОЗ, Стефчо Маслов, посочи дека соработката ќе вроди со крупни позитивни промени и ќе биде пример за успешност, препознаен и вреднуван од надлежните институции.
„Една од поважните цели согласно моменталната состојба во секторот туризам и угостителство, како резултат на здравствено – економската криза е заедничко делување и искористување на сите институционални можности за поддршка на претпријатија и вработените во секторот.
Неопходно е заеднички да делуваме да се задржат работните места и да се подобрат условите за работа. Посветено ќе работиме на воспоставување на приоритети на краток и на долг рок со цел подобрување на условите за работа во туризмот и угостителството.
Синдикатот на СУТКОЗ како организација на вработените во угостителството, туризмот, комунално – станбеното стопанство, занаетчиството како и на заштитните друштва на Македонија, застапува заложби од основањето во 1991 година за економско зајакнување, сигурност и подобрување на положба на своето членство преку потпишување на колективни договори“, рече Маслов и додаде дека подобрување на условите за работа, заштита при работа и заштита на животната и работна средина, остварување на синдикалните права и слободи, како и правата од работен однос се приоритети.
Заедничките заложби на потписниците на договорот ќе бидат насочени кон почитување на меѓународните стандарди во секторот со крајна цел зголемување на стандардот на вработените и заеднички економски просперитет