Предновогодишна донација за децата во Клиниката за детски болести во Скопје, беше реализирана од страна на компаниите членови на Македонско – швајцарскиот бизнис клуб и Сојузот на стопански комори на Македонија.
Јасминка Талеска, претседател на Македонско – швајцарскиот бизнис клуб истакна дека оваа акција е дел од практикувањето на општествена одговорност кај компаниите членови на Македонско -швајцарскиот бизнис клуб, како и на Сојузот на стопански комори на Македонија.
„Помагање и поддршка на заедницата, особено на најмладата популација е од исклучителна важност. Веруваме дека оваа пракса ќе продолжи и во иднина кон натамошно зацврстување на соработката и излегување пресрет на компаниите со донации од различен вид за потребите на Детската клиника. Радува тоа што се побројни се компаниите кои освен во грижа за деловните активности, водат сметка и за околината и општеството каде делуваат во целина“, изјави Талеска и додаде дека сите компании, следејќи ги глобалните трендови секоја во рамки на своите можности покрај придонесот кон раст и развој на економијата, практикуваат општествената одговорност како начин на водење бизнис.
Наташа Алуловска директор на Клиниката за детски болести ја искажа благодарноста за компаниите пријатели на Клиниката, членови на Сојузот како и Амбасадата на Швајцарија во Македонија. Потенцира дека со текот на годините општествената одговорност кај компаниите се развива, и во овој период од годината реализирани се голем број донации за потребите на децата.
На настанот присуствуваше и амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Тејада, која ја поддржува работата на Македонско – швајцарскиот бизнис клуб и оваа хумана акција во нивна реализација. Таа ја поздрави хуманитарната иницијатива на компаниите членки на Бизнис клубот на Швајцарија и Северна Македонија да направат празнична донација за децата кои се на лекување во Детската клиника и ги охрабри компаниите да ја продолжат оваа позитивна практика.
Во Сојузот на стопански комори на Македонија, членуваат бројни компании кои добиле признанија и награди за практикување на општествената одговорност и кои дел од профитот кој го остваруваат го враќаат на заедницата.