Тојота Мотор го надмина германскиот Фолксваген во продажбата на возила во 2020 година, и по пет години повторно ја презеде круната како водечки светски производител со најголема продажба на автомобили, откако падот на побарувачката како резултат на пандемијата на коронавирус го погоди посилно германскиот ривал.
Тојота денес објави дека нејзината глобална продажба на ниво на целата групација падна за 11,3 проценти на 9,528 милиони возила во 2020 година, додека Фолксваген забележа пад од 15,2 проценти на 9,305 милиони единици, пренесе „Ројтерс“.
Производителите на автомобили ширум светот се сериозно погодени од ограничувањата воведени ширум светот, кои ги спречија луѓето да одат во продавници за автомобили и ги принудија автомобилските компании да го намалат или прекинат производството во одредени погони.
Тојота, сепак, делумно подобро ја преживеа пандемијата затоа што Јапонија, односно нејзиниот домашен пазар, како и азискиот регион, генерално беа помалку погодени од Европа и САД.
Како што се обновува побарувачката за автомобили, особено во Кина, Тојота, Фолксваген и други производители се натпреваруваат да земат што поголем удел на пазарот во растечкиот сегмент на електрични возила.
Тојота изјави дека учеството на електрични возила што ги продаде минатата година се зголеми на 23 проценти од вкупната продажба, од 20 проценти во 2019 година.