Стандард
КОМПАНИИ

Пожар во јапонска фабрика за чипови може да влијае на Европа и САД

Пожарот во јапонската фабрика за чипови „Ренесас“ ги загрижи Тојота, Нисан и Хонда, а последиците може да се почувствуваат во Европа и САД, во време на глобален недостиг на чипови што се користат во автомобилската индустрија.

„Ренесас“ држи околу 30 проценти од глобалниот пазар за специјални чипови што се користат во автомобилите, потсетува Ројтерс.

Јапонската компанија соопшти дека ќе им требаат најмалку еден месец за да започнат со производство на 300 мм полупроводници во фабрика во близина на градот Нака, во североисточна Јапонија, каде минатиот петок избувна пожар поради електричен отказ и ја зафати механизацијата.

Плочките со овие димензии се користат во автомобилската индустрија, а пожарот зафати две третини од машините на кои се произведени, додека постројките за производство на 200-милиметарски плочки останаа неоштетени.

Јапонските производители на автомобили само што започнаа да ги проценуваат можните последици од пожарот во производството.

„Ние собираме информации и се обидуваме да ги процениме можните последици од пожарот врз нашиот бизнис“, рече портпаролот на Хонда.

И портпаролите на Тојота и Нисан потврдија дека ја проценуваат новата состојба.

„Веројатно ќе треба повеќе од еден месец за нормализирање на испораките. Имајќи го тоа предвид, Тојота очекува многу нестабилно производство во април и мај“, рече Сеиџи Сугиура, виш аналитичар во Институтот за истражување Токаи во Токио.

„Мислам дека Хонда, Нисан и други производители исто така ќе бидат во тешка ситуација“.

Полупроводниците на Ренесас се широко користени во автомобили, вклучувајќи системи за надгледување на мотори, контроли на возила и електрични прозорци и во сензори што се користат во системи за паркирање и забава.

Нисан и Хонда веќе беа принудени да го намалат производството поради недостиг на чипови предизвикани од силната побарувачка од производителите на потрошувачи на електроника и неочекуваното закрепнување на продажбата на автомобили од кризата во првите месеци од пандемијата.

Тојота досега беше помалку погодена од овие проблеми затоа што обезбеди доволно залихи чипови.

„Ренесанс“ известува дека нивните клиенти, претежно производители на делови за автомобили, а не производители на автомобили, ќе се соочат со намалена испорака на чипови за еден месец. Тие не сакаа да кажат која машина ја погоди пожарот, ниту името на компанијата што ја произведува.

Јапонската влада вети дека ќе и помогне на автомобилската индустрија.

„Ние, секако, ќе се обидеме да и помогнеме на фабриката во близина на градот Нака за брзо продолжување на производството, помагајќи и набрзо да набави заменска опрема за производство“, рече генералниот секретар на кабинетот Кацунубу Като на редовната прес-конференција во понеделникот.

Во февруари, фабрика во Нака беше затворена три дена поради земјотрес и „Ренесас“ беше принуден да навлезе длабоко во залихите за да остане во чекор со големата побарувачка, забележува Ројтерс.

Поврзани вести

Јунајтед Груп ги презема бугарските оператори Нет1 и Комнет Софија

Влатко Зорба

Украина повторно увезува струја од Русија

Влатко Зорба

Светот ја добива најголемата рекламна група

msp-admin