СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Трамп ги прекина испораките на Intel за Huawei

Администрацијата на Доналд Трамп ги извести снабдувачите на Huawei, вклучувајќи го и производителот на чипови Intel, дека одзема одредени лиценци за продажба на полупроводници на кинеската компанија и има намера да одбие десетици други барања, објави Ројтерс.

Овој потег, веројатно и последниот против Huawei на претседателот Трамп, е дел од долготрајните напори за ослабување на најголемиот светски производител на телекомуникациска опрема, што Вашингтон го смета за закана за националната безбедност.

Huawei и Intel одбија да коментираат. Министерството за трговија на САД продолжува да работи со други агенции за „доследно“ спроведување на политиките за лиценцирање на начин што „ги штити интересите на националната безбедност и надворешната политика на САД“.

Според информациите на Здружението за полупроводничка индустрија, Министерството ќе одбие значителен број апликации за лиценци за извоз на производите на Huawei и дури ќе ги одземе и претходно издадените лиценци. Извор запознат со ситуацијата, но кој сака да остане анонимен, изјави дека осум лиценци биле одземени од четири компании.

Веста предизвика пад на цените на некои компании кои произведуваат чипови во Азија. Корејската „Samsung Electronics“ падна за 1,5 процент, јапонската „Advantest“ забележа ист пад, а „Tokyo Electron“ загуби 0,8 проценти.

На јапонскиот производител на флеш меморија Kioxia Corp му е одземена лиценцата, велат два извори. Компанијата, порано позната како Toshiba Memory Corp, соопшти дека не „открива детали за својот бизнис во однос на специфични производи или клиенти“.

Компаниите кои работат со Huawei чекаа „многу месеци“ за одлуки за лиценцирање, а откако останува помалку од една недела до крајот, справувањето со неуспесите е предизвик. Примателите на известувања за „намера за одбивање“ имаат рок од 20 дена да одговорат, а Министерството за трговија има 45 дена да ги извести за каква било промена во одлуката или ако таа стане конечна. Потоа, компаниите ќе имаат уште 45 дена да се жалат.

Соединетите држави го вклучија Huawei во „црната листа“ на Министерството за трговија во мај 2019 година, ограничувајќи им на добавувачите да му продаваат американски стоки и технологии. Но, некои продажби беа дозволени, а други одбиени бидејќи администрацијата на Трамп ја засили репресијата против компанијата, делумно со проширување на овластувањата на САД да бара лиценци за продажба на чипови, направени во странство со американска технологија.

Пред последната акција на Трамп се чекаа лиценци за стоки и технологија во вредност од околу 120 милијарди американски долари, кои беа задржани затоа што разни американски агенции не можеа да се договорат дали да ги дадат. Апликациите за лиценци за стоки и технологија за уште 280 милијарди долари сè уште не се обработени, но сега, според изворите, најверојатно ќе бидат одбиени.

Intel доби лиценца од американските власти да продолжи со испорака на одредени производи на Huawei, објави компанијата во септември. Aвгустовското правило вели дека производите со 5G можности најверојатно ќе бидат одбиени, но продажбата на помалку напредната технологија ќе се решава од случај до случај.

Поврзани вести

Маск го надмина Бафет по богатство

msp-admin

Цените на нафтата достигнаа највисоки нивоа во последната година

Влатко Зорба

Ергодан ги повика Турците да инвестираат во земјата

Влатко Зорба