СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Лидерот на Самсунг се враќа во затвор

Де факто лидерот на Самсунг, Ли Џае-јонг се врати во затвор, што отвора прашања за раководството на технолошкиот гигант. Ли беше осуден на две и пол години затвор откако беше прогласен за виновен за мито и злоупотреба, пренесува Си-Ен-Ен.

52-годишниот Ли, внук на основачот на Самсунг, беше ослободен во 2018 година кога апелациониот суд ја смени неговата оригинална петгодишна казна. Ли помина скоро една година во затвор. Во 2019 година, Врховниот суд на Јужна Кореја нареди повторно судење, што доведе до денешната пресуда.

Јужнокорејскиот закон им дава право на судиите да одлучуваат дали ќе ги одложат казните до три години. Но, додека тие го изнесуваа своето решение во понеделникот, судиите на Врховниот суд во Сеул рекоа дека веруваат дека обвиненијата на Ли му налагаат да поминува повеќе време во затвор, објави „Волстрит журнал“.

Облечен во темно одело и со медицинска маска на суд, Ли беше приведен по објавувањето на пресудата. Тој може да се жали на одлуката на Врховниот суд на земјата, иако е малку веројатно укинувањето на неговата нова казна, велат јужнокорејските правни експерти.

Портпаролот на „Самсунг Електроникс“ одби да даде коментар.

Отсуството на Ли по втор пат во последните четири години го остава Самсунг без лидер, додека технолошкиот гигант се бори да го зацрта својот пат во време на пандемија. Ли беше на чело на Самсунг откако неговиот татко претрпе мозочен удар во 2014 година. Се очекуваше наследникот да ја преземе претседателската функција откако Ли Канк-хе почина во октомври.

Конгломератот Самсунг вклучува десетици подружници, од оддел за електроника до тематски паркови и биофармацевтски бизнис. За сите клучни одлуки е потребно одобрување од Ли.

Случајот вклучува мито на поранешниот претседател на земјата и близок советник за да се добие одобрение за спојување на две единици на Самсунг, за што беше потребна поддршка од државниот пензиски фонд на Јужна Кореја. Во 2017 година, Ли беше обвинет за давање мито за околу 30 милијарди вони или околу 27 милиони долари.

Тој беше осуден на пет години затвор според првичната казна од 2017 година, пред истата да биде променета подоцна и случајот да се обжали.

Поврзани вести

Короната дефинитивно ги промени нашите навики, продавачите на велосипеди „цветаат“

msp-admin

Продажбата на велосипеди доживеа бум во Германија

Влатко Зорба

Фејсбук предупреди дека може да се повлече од Европа

msp-admin