СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Цените на нафтата се зголемија по неочекуваниот пад на американските залихи

Цените на нафтата се зголемија во средата на меѓународните пазари над нивото од 45 долари, поттикнати од неочекуваниот остар пад на американските залихи што предизвикаа надеж за стабилно закрепнување на побарувачката од пандемијата на коронавирус.

На лондонскиот пазар цената на барелот се зголеми за 67 центи во однос на претходното затворање и изнесува 45,17 долари. На американскиот пазар, барелот се тргуваше за 65 центи повисоко, на 42,26 долари.

Американскиот институт за нафта (АПИ) во вторникот извести дека американските залихи на сурова нафта паднале за четири милиони барели минатата недела. Аналитичарите очекуваа поскромен пад, за 2,9 милиони барели.

Во извештајот се прикажани опаѓачки резерви на бензин и деривати. Официјалните податоци треба да бидат објавени во текот на денот.

„Цените денес беа поддржани со пад на залихите на сурова нафта, според извештајот на АПИ …, веќе трета недела по ред, и тоа доста голем“, објаснува Џефри Хели од ОАНДА.

Цените беа поддржани од пониската проценка на американското производство на нафта оваа година. Американската влада сега очекува производството да паѓа за 990,000 барели дневно, на 11,26 милиони барели на ден. Во јули проценката за падот беше 600.000 барели дневно.

Значителниот пораст на цените беше попречен денес од зголемената неизвесност поради одложувањето на разговорите за пакетот помош за закрепнување на американската економија од последиците од корона-кризата.

Доброто расположение беше исто така намалено со падот на потрошувачката на гориво од 11,7 проценти во Индија во јули, на 15,68 милиони тони. Во однос на јуни, потрошувачката опадна за 3,5 проценти, покажуваат податоците на Министерството за нафта и природен гас.

Исто така, Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) објавија денеска дека цената на барел од референтната корпа на нејзините членки во вторникот била 45,21 американски долари, што значи дека е за 20 центи повисока отколку во понеделникот.

Поврзани вести

Започна глобалниот натпревар Huawei Next Design Awards 2021, дефинирајќи ја естетиката на иднината

Stefanija Kuzmanovska

Менаџментот на хотели „Сонце“: Не можеме да коментираме за понатамошните планови за развој

Влатко Зорба

Тимот на Reddit лут на своите луѓе што ги срушија акциите на GameStop: „Престанете да продавате“

Влатко Зорба