Министерството за трговија на САД додаде седум кинески компании за суперкомпјутери на својата економска „црна листа“, повикувајќи се на загриженост за националната безбедност.
„Црната листа“ на американското Министерство вклучува, меѓу другите: Тијанџин Фитиум ИТ, Шангајскиот центар за дизајн со интегрални кола со високи перформанси, „Санвеј Мајкроелектроникс“ и националните супер компјутерски центри – Џинан, Шенжен, Вукси и Женгжу, пренесе „CNBC“.
Седум лица се ставени на црната листа за правење суперкомпјутери користени од кинески воени актери и, наводно, за нивните „дестабилизирачки напори за модернизација на војската и / или програмите за оружје за масовно уништување“.
Компаниите или други субјекти кои се наоѓаат на т.н. „список на субјекти“ на Соединетите држави мора да аплицираат за дозвола од Министерството за трговија за набавка на производи или компоненти од добавувачи на САД.
„Способностите на суперкомпјутерите се од витално значење за развојот на многу, можеби скоро сите, модерни оружја и системи за национална безбедност, како што се нуклеарно и хиперсонично оружје“, рече американскиот секретар за трговија во изјавата.
Според Ројтерс, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Жао Лиџијан, изјавил дека Пекинг ќе преземе „неопходни мерки“ за заштита на правата и интересите на своите компании.
„Ограничувањата и забраните на САД не можат да го запрат кинескиот научен и технолошки развој“, рече тој на прес-конференција во Пекинг.
За време на администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, САД ставија на црната листа многу кинески компании, вклучувајќи го и врвниот производител на паметни телефони Хуавеи, производителот на чипови СМИЦ и најголемиот производител на беспилотни летала СЗ ДЏИ Технолоџи.